Трилатералните разговори меѓу Украина, САД и Русија би можеле да бидат одложени поради актуелниот фокус на американската администрација кон Иран, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, пренесува Гардијан.
Според најавите, Украина требаше да ги продолжи дипломатските разговори со САД и Русија овој викенд, но Зеленски навести дека датумот и локацијата на средбата може да се променат поради засилените тензии во односите меѓу Вашингтон и Техеран.
„За нас е многу важно сите партнери со кои сме договорени да бидат присутни на средбата, бидејќи сите очекуваат повратни информации. Но датумот или локацијата може да се променат, бидејќи, според нашето гледиште, се случуваат одредени настани во односите меѓу САД и Иран. Тие случувања најверојатно ќе влијаат врз временската рамка“, изјави Зеленски.
Во меѓувреме, украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија во текот на ноќта лансирала повеќе од 100 дронови и само една ракета кон украинска територија. Нападите следат по изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп за можноста за ограничено примирје.
Трамп изјави дека рускиот претседател Владимир Путин се согласил привремено да ги запре нападите врз украинската енергетска инфраструктура во период од една недела, по негов личен апел, поврзан со екстремно ниските температури во Украина.
Подоцна, Зеленски на социјалните мрежи напиша дека меѓу двете страни било разговарано за примирје што би ги опфатило електраните и другата клучна енергетска инфраструктура, додавајќи дека очекува постигнатите договори да бидат целосно спроведени.
„Очекуваме договорите да бидат почитувани и имплементирани на терен“, порача украинскиот претседател.
Иако дипломатските канали формално остануваат отворени, најавеното можно одложување на разговорите дополнително ја нагласува чувствителноста на меѓународниот контекст во кој се водат напорите за деескалација на војната во Украина.
