Европската комисија разгледува модели што би ѝ овозможиле на Украина брзо да се приклучи кон Европската Унија, како дел од мировниот договор со Русија, но без сите права што ги обезбедува членството.
Од друга страна, Киев би ги стекнал другите права постепено за време на транзициските периоди, изјавија претставници на ЕУ за Ројтерс.
Како што наведуваат, идејата е сè уште во рана фаза и е наменета како можен гест кон Украинците, кои го гледаат членството во ЕУ како клучна безбедносна гаранција по војната и бараат убедлив сигнал дека се на пат кон економска стабилност и интеграција со Западот.
Дипломатите изјавија дека членството на Украина во ЕУ до 2027 година е споменато во нацрт-мировниот план што го дискутираа Соединетите Американски Држави, Украина и ЕУ, но дека многу членки сметаат дека таков рок е нереален, со оглед на тоа што процесот на пристапување се базира на исполнување на критериумите и бара согласност од сите 27 земји-членки и нивните парламенти.
Според предлогот што го разгледува Комисијата, вообичаениот процес би бил делумно обратен – Украина брзо би станала членка на ЕУ, но правото на глас и другите целосни права би се стекнувале постепено, во зависност од напредокот во усогласувањето со законодавството на Унијата.
„Мораме да признаеме дека реалноста денес е различна од кога правилата за проширување беа првично поставени“, рече еден функционер на ЕУ, додавајќи дека овој модел би можел да се примени и на други кандидати.
Функционерите истакнуваат дека Украина, за разлика од другите земји кандидати, нема луксуз на долгорочен процес, бидејќи евентуалниот мировен договор би можел да вклучува територијални отстапки и да биде тешко прифатен од јавноста.
„Во интерес на Европа е Украина да биде во ЕУ заради сопствената безбедност“, рече еден дипломат, наведувајќи дека е потребно да се најдат „креативни решенија“ за брзо политичко вклучување на Украина, со полноправно членство откако ќе бидат исполнети сите услови.
Функционерите признаваат дека таков модел би бил тежок за прифаќање од сите членки и дека би можел да отвори прашања за рамноправност со земјите кои го поминале или сè уште го поминуваат традиционалниот процес на пристапување.
