Интернет-сервисот „Старлинк“ не функционирал околу два и пол часа, а прекинот се случил долж целата фронтовска линија, објави командантот на украинските дронски сили, Роберт Бровди, на Телеграм. Тој првпат соопшти за проблемот околу 22:41 часот по локално време, а нешто по 01:05 часот наутро известил дека врската е повторно воспоставена.
– Борбените мисии се одвиваа без видео-врска, а извидувањето се изведуваше со борбени дронови, наведе Бровди, додавајќи дека прекинот покажал колку е ризично целосното потпирање на една комуникациска платформа.
Сличен став изрази и Олександр Дмитриев, основач на украински систем што ги координира податоците од илјадници дронови долж фронтот. Според него, зависноста од интернет и вакви системи е „огромен ризик“, бидејќи во услови на прекин, „способноста за водење на борбени операции речиси исчезнува“.
Иако „Старлинк“ формално не нуди услуги во Русија, украински претставници тврдат дека руските сили сепак користат дел од неговите системи на фронтот.