УКИМ денеска беше под силно полициско обезбедување поради посетата на претседателката Гордана Сиљановска Давкова и црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ на Правниот факултет „Јустинијан Први“, но наместо академски ден, дел од студентите и професорите се соочиле со блокиран пристап, нервоза и доцнење на испити и обврски.
Според сведоштво на студентка, полицијата не ѝ дозволила влез на паркингот и покрај тоа што имала испит, со образложение дека „има делегација“, додека, ограничувања имало и за професори и за лица официјално регистрирани за настанот.
Студентката сведочи дека објаснувањата како тоа дека брза на испит не наишле на разбирање, туку на дрзок и игнорантен однос. Наместо пристап до факултетот, ѝ било кажано да бара паркинг на друго место. Во нејзината реакција се поставува и прашањето како е можно присуството на висока делегација да биде поважно од правото на студентите да влезат на својот факултет, особено кога станува збор за настан што формално е поврзан токму со академската заедница.
Дополнителен револт предизвика фактот што, како што наведува студентката, токму студентите станале колатерална штета на протоколот. Таа посочува дека испитот не е обврска што може едноставно да се помести поради посета на функционери и прашува кој ќе сноси одговорност ако некој студент не стигне на испит поради вакви блокади. Во реакцијата се нагласува и дека универзитетот е автономна институција и дека ваквите ситуации не смеат да се нормализираат.
Според информациите, професори од факултетот се пожалиле дека полицијата не им дозволила влез со службени возила на паркингот, а ограничувања имало дури и за оние што биле уредно регистрирани за присуство на настанот.
Сето тоа отвори пошироко прашање за односот меѓу безбедносниот протокол и нормалното функционирање на универзитетот. Наместо институција отворена за студенти, професори и јавност, УКИМ денеска, според реакциите, личел на блокирана зона во која протоколот имал предност пред наставата, испитите и секојдневниот академски живот.