Трн на игралиште: Колку часови неделно спорт се доволни за здрави генерации?

И додека топлото сончево утро најавуваше пеколен ден во главниот град, а по улиците ретко кој се движеше од детското игралиште во Влае, покрај кејот на Вардар, одекнуваше детски џагор. Неколку девојчиња си играа, трчаа и скокаа.

„Имам многу другарчиња, а најмногу сакам да играме одбојка“, вели седум годишната Мартина Никова, ученичка во ОУ„Димо Хаџи Димов“ во Скопје.

Никова е едно од ретките девојчиња на нејзина возраст кое наместо пред компјутер или со мобилен да го помине денот таа со баба си е на игралиштето. Никова како ученичка во основно, според законските регулативи во Македонија, има три часа физичко образование во неделата. За разлика од кај нас во Србија од септември се воведуваат часови по физичко секој ден во основните и четири пати во средните училишта.

„Уште од најмали нозе преку часовите по физичко образование се создава здрава навика т.е спортска култура. Дечињата стекнуваат одговорност да понесат патики, тренерки…“, вели Митре Шипендиев професор по физичко од ОУ „Лазо Трповски“ од Скопје.

Тој посочува дека со воведувањето на редовни физички активности уште од најрана возраст се превенираат сите деформитети кај децата, а позитивно се влијае и на менталното здравје.

„Со три до четири часови по физичко во основно, па и средно образование кај учениците се развива и чувството на емпатија и покажување емоции. Децата меѓу себе се натпреваруваат во разни игри како кошарка, одбојка, пливање, но важното е да сфатат дека поразот во играта не треба да создава бес и агресија. Според тоа колку повеќе децата имаат простор за спорт не само што ќе бидат физички туку и психички ќе бидат поздрави“, вели Шипендиев додека внимава на децата од соседството кои се радуваат на секој од реквизитите во игралиштето.

Меѓутоа, за да може да се воведе и во Македонија зголемен број на часови по физичко во основно и средно мора да има и инфраструктура, потенцира професорот Шипендиев. Истакнува дека и сега во повеќето училишта, особено во зимскиот период, наставата по неговиот предмет се изведува во импровизирани услови.

„Во есенскиот и пролетниот период доколку училиштето има спортски терени надвор и не е така лошо, ќе се организира наставата, но проблемот е кога ќе дојде зимата. Се случува во исто време во сала да треба да се и три одделенија, а тоа се скоро седумдесет деца. Првин мора да се обезбеди инфраструктура од спортски сали, покриени терени и се останато, па потоа да се размислува за зголемен број на часови. Без услови нема ефект“, додава Шишендиев додека на едно од децата на игралиштето му подава шише со вода.

Инаку пред четири години, од септември 2019-та и во Македонија се направија мали измени во образованието со цел позитивно да се влијае врз детскиот раст и развој. Од тогаш часовите по физичко образование од прво до петто одделeние покрај одделенски наставник ги води и професор по физичко образование. Таквата одлука се донесе со новиот Закон за основно образование.

Можеби летото уште долго ќе ни трае според временските услови, но не и календарски. За околу три недели основците и средношколците повторно ќе се вратат во училишните клупи, но и на спортските терени. До тогаш седум годишната Мартина Никова секојдневно, без училишни грижи, ќе спортува и ќе се забавува во маалскиот спортски терен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни