Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека конфликтот со Иран би можел наскоро да заврши, додека иранскиот претседател остро го критикуваше Вашингтон, порачувајќи дека САД „дипломатијата ја заменуваат со закани, притисоци и санкции“.
Трамп, за време на виртуелен предизборен собир на републиканците во Џорџија, рече дека е оптимист и верува дека војната би можела брзо да заврши. Во исто време, американските медиуми јавуваат за напредок во разговорите меѓу Вашингтон и Техеран за можен привремен нуклеарен договор и прекин на непријателствата.
Од друга страна, Пезешкијан во разговор со францускиот претседател Emmanuel Macron порача дека Иран повеќе нема доверба во САД, бидејќи, како што тврди, „воените акции се случувале паралелно со преговорите“.
„Таквото однесување е како забивање нож во грб“, изјави иранскиот претседател, додавајќи дека за какви било сериозни преговори се неопходни прекин на војната и гаранции дека нападите врз Иран нема да се повторат.
Спор околу Ормутскиот теснец
Пезешкијан повтори дека Иран Ормутскиот теснец го смета за клучен дел од својата безбедност, обвинувајќи ги САД дека ја нарушуваат стабилноста во регионот со поморската блокада.
Според него, целосното повторно отворање на Ормутскиот теснец е можно само доколку Вашингтон ја укине блокадата. Истовремено, тој ги демантираше тврдењата дека Иран нападнал јужнокорејски товарен брод во теснецот, откако Трамп на социјалната мрежа Truth Social го обвини Техеран за инцидентот.
Иранската амбасада во Сеул соопшти дека Техеран „категорично ги отфрла“ сите обвинувања за вмешаност во експлозијата и пожарот на јужнокорејскиот брод.
Макрон ги поддржа преговорите
Францускиот претседател Макрон, според соопштението од Техеран, го поддржал рамковниот договор за прекин на огнот и оценил дека американската поморска блокада и израелските напади претставуваат прекршување на договорот.
Париз, како што се наведува, е подготвен да помогне во продолжување на преговорите и во процесот на евентуално укинување на санкциите кон Иран.