Американскиот претседател Доналд Трамп дополнително го прецизираше ултиматумот кон Иран, наведувајќи дека рокот за отворање на Ормускиот теснец истекува во вторник во 20:00 часот по источноамериканско време. Во објава на социјалната мрежа Truth Social, Трамп порача дека станува збор за конечен рок, кој во европско време би бил во раните утрински часови следниот ден.
Тој претходно предупреди дека, доколку Иран не ја отвори клучната поморска рута, САД би можеле да таргетираат критична инфраструктура во земјата.
„Ден на електрани и мостови“
Во дополнителна ескалација на реториката, Трамп изјави дека вторник би можел да биде „ден на електрани и мостови“, алудирајќи на можни напади врз енергетски и транспортни објекти во Иран.
Изјавата доаѓа во период на зголемени тензии, откако САД и Израел започнаа воени активности против Иран, по што Техеран практично го ограничи движењето низ Ормускиот теснец, една од најважните глобални енергетски рути.
Истовремено сигнал за можен договор
И покрај острите закани, Трамп истовремено остави простор за дипломатско решение. Во изјава за Fox News тој рече дека постои „добра шанса“ за договор со Иран, додавајќи дека преговорите сѐ уште траат.
Ормускиот теснец останува клучна точка на глобалниот енергетски систем, преку која поминува околу една петтина од светската трговија со нафта, а секое негово затворање предизвикува силни потреси на светските пазари.