Трамп повика на целосна блокада на санкционираните нафтени танкери на Венецуела

Доналд Трамп најави целосна блокада на санкционираните венецуелски нафтени танкери, можни нови заплени и зголемен воен притисок

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денеска изјави дека наредил „тотална и целосна блокада“ на сите санкционирани нафтени танкери кои влегуваат или излегуваат од Венецуела, пренесува CBS.

Во објава на социјалната мрежа Truth Social, Трамп наведе дека Венецуела е „целосно опколена од најголемата армија некогаш собрана во историјата на Јужна Америка“ и порача дека притисокот ќе расте „сè додека на Соединетите Американски Држави не им ја вратат целата нафта, земјата и другата имотна вредност“ за која тврди дека им е одземена.

Белата куќа не ги коментираше наводите на Трамп, додека Пентагон за CBS изјави дека нема дополнителни информации и ги упати новинарите кон Белата куќа.

Американската војска минатата недела запленила санкциониран, 20 години стар нафтен танкер кој штотуку ја напуштил венецуелската лука, изјавија извори за CBS.

Воен персонал вооружен се спуштил на бродот со хеликоптери. Танкерот бил санкциониран од Министерството за финансии на САД пред три години поради наводна улога во мрежа за шверц на нафта поврзана со финансирање на иранската војска и нејзините посредници.

Изјавата на Трамп укажува на можност за дополнителни заплени, но не е прецизирано колку пловила би биле опфатени со планираната блокада.

Владата на Венецуела ја оцени заплената како „грабеж“ и „пиратство“.

Во соопштение објавено доцна во вторникот, Каракас ја нарече блокадата „гротескна закана“, кршење на меѓународното право и ја обвини американската администрација дека се обидува да ја „присвои нафтата, земјата и минералите“ на земјата.

Директорот на Националниот економски совет на Белата куќа, Кевин Хасет, изјави за CBS дека е малку веројатно идните заплени на бродови да доведат до пораст на глобалните цени на нафтата, нагласувајќи дека администрацијата има за цел да се справи со „црниот пазар на нафта“.

Тој не прецизираше дали целосната блокада била разгледувана како опција.

Санкционираните производители на нафта, меѓу кои Венецуела, Русија и Иран, се обидувале да извезуваат нафта и покрај американските ограничувања, наводно користејќи стари танкери со сомнителни регистрации, познати како „флота во сенка“.

Минатата недела САД санкционираа шест бродови обвинети за транспорт на венецуелска нафта, како и тројца внуци на претседателот Николас Мадуро.

Трамп доцна во вторникот изјави дека режимот на Мадуро го користи извозот на нафта за финансирање на „нарко-тероризам, трговија со луѓе, убиства и киднапирања“.

Американската администрација, исто така, презеде чекори за означување на Картелот „де лос Солес“ како странска терористичка организација.

За Мадуро е распишана награда од 50 милиони долари по обвинението за трговија со дрога поднесено во 2020 година пред американски федерален суд.

Во меѓувреме, американската војска премести воени бродови и борбени авиони во Карибите и спроведе операции против најмалку 25 пловила за кои тврди дека биле вклучени во шверц на дрога.

Трамп во повеќе наврати навести и можност за напади врз копнени цели во Венецуела и други земји.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни