Трамп потврди: Спасен американски пилот од Иран – „Невидена операција во историјата“

Американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека американските сили спасиле еден од пилотите на борбен авион F-15 Eagle, кој се водеше како исчезнат откако леталото било соборено над Иран.

„Го имаме!“, напиша Трамп на социјалната мрежа Truth Social.

Според него, американската војска извела една од „најсмелите операции за потрага и спасување во историјата на САД“.

Драма зад непријателските линии

Трамп откри дека спасениот пилот, висок офицер и полковник, бил лоциран во опасните планински региони на Иран, длабоко зад непријателските линии.

„Овој храбар војник беше ловен од непријателите, кои му се приближуваа од час во час, но никогаш не беше навистина сам, неговата позиција се следеше 24 часа дневно и се планираше неговото спасување“, изјави Трамп.

По негова наредба, американската војска испратила десетици авиони опремени со најмоќно оружје за да го извлечат.

Пилотот повреден, но стабилен

Според Трамп, пилотот се здобил со повреди, но се очекува целосно закрепнување.

Тој додаде дека оваа операција следува по уште едно успешно спасување на друг американски пилот, кое претходно не било објавено за да не се загрози мисијата.

„Ова е првпат во воената историја два американски пилота да бидат спасени одделно, длабоко на непријателска територија“, нагласи Трамп.

„Никогаш нема да оставиме ниту еден војник“

Американскиот претседател порача дека ниту еден американски војник нема да биде оставен зад себе. Тој истакна дека успешното изведување на двете операции без загуби дополнително ја потврдува воздушната доминација на САД над иранското небо.

„Ова е момент на кој сите Американци треба да бидат горди и обединети“, порача Трамп, додавајќи: „Имаме најпрофесионална и најмоќна војска во историјата.“

Потсетување на инцидентот

Американски борбен авион F-15 Eagle беше соборен во петок на територијата на Иран. Првиот пилот бил спасен неколку часа по уривањето, додека потрагата по вториот траела повеќе од 24 часа.

Иранските власти дури понудиле награда од 60.000 долари за негово фаќање и ги повикале граѓаните да го предадат „непријателскиот пилот“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни