Central Intelligence Agency во доверлива проценка доставена до американскиот претседател, заклучила дека круговите лојални на сменетиот венецуелански претседател Николас Мадуро, меѓу кои и Дeлси Родригез, се во најдобра позиција да ја зачуваат стабилноста на земјата по неговото апсење.
Според извори запознаени со содржината на извештајот, кои зборувале за Wall Street Journal, токму оваа проценка била еден од клучните фактори зошто Трамп решил да ѝ даде поддршка на Делси Родригез, која во меѓувреме положи заклетва како привремена претседателка на Венецуела, наместо на опозициската лидерка и добитничка на Нобеловата награда за мир Марија Корина Мачадо
Извештајот на ЦИА бил споделен со тесен круг членови од тимот за национална безбедност на САД и, според истите извори, укажувал дека нагла промена на власта во Каракас би можела да доведе до продлабочување на хаосот, институционален колапс и безбедносни ризици во земја која веќе се соочува со длабока економска и политичка криза.
Белата куќа официјално не го потврди постоењето на ваков извештај. Сепак, портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, изјави дека претседателот редовно добива информации за глобалната политичка динамика и дека одлуките се носат врз основа на „реалистична проценка на интересите на САД“.
„Претседателот Трамп и неговиот тим за национална безбедност носат практични одлуки со цел Венецуела да се усогласи со интересите на Соединетите Држави и да стане подобро место за венецуеланскиот народ“, изјави Ливит пред новинарите.
Поддршката за Делси Родригез, која е долгогодишен дел од владејачката структура во Венецуела, предизвика остри реакции кај дел од меѓународната јавност и кај опозицијата, која очекуваше дека Вашингтон ќе застане зад Мачадо како симбол на демократска транзиција. Наместо тоа, администрацијата на Трамп очигледно се одлучи за пристап што го става приоритетот на краткорочната стабилност, дури и по цена на компромиси со постоечките центри на моќ.
