Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека е постигнат мировен договор меѓу Соединетите Американски Држави и Иран, кој треба да доведе до прекин на воените дејствија и повторно отворање на Ормуската Теснина, една од најважните светски поморски рути за транспорт на нафта и гас.
Веста првично ја објави пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф, кој во изминатиот период посредуваше во преговорите меѓу двете страни. Набргу потоа, Трамп ја потврди информацијата преку својата социјална мрежа „Трут Соушл“. „Договорот со Исламската Република Иран е постигнат“, напиша американскиот претседател.
Иако деталите сè уште не се официјално објавени, според Шариф договорот предвидува итен и траен прекин на воените операции на сите фронтови, вклучително и во Либан. Трамп најави дека Ормуската Теснина ќе биде повторно отворена за меѓународниот поморски сообраќај без дополнителни такси, а американската поморска блокада ќе биде укината.
„Бродови на светот, стартувајте ги моторите. Нека потече нафтата!“, порача Трамп во својата објава.
Во друга порака тој оцени дека договорот претставува историски чекор кон мир и стабилност во регионот и истакна дека многу претходни американски администрации безуспешно се обидувале да постигнат ваков исход. Според информации што претходно ги објавија повеќе медиуми, нацрт-договорот предвидува отворање на Ормуската Теснина и укинување на американската блокада, додека прашањето за иранската нуклеарна програма ќе биде предмет на дополнителни преговори во наредните 60 дена.
Висок ирански извор навел дека САД би можеле да одмрзнат ирански средства во вредност од 25 милијарди долари, а Техеран за возврат би се обврзал да не произведува и да не набавува нуклеарно оружје. Според истиот извор, Иран се согласил привремено да го задржи сегашниот статус на својата нуклеарна програма, без дополнително збогатување ураниум и без проширување на нуклеарните капацитети до постигнување конечен договор.
Доколку не дојде до промени во последен момент, официјалното потпишување на мировниот договор е најавено за в петок на церемонија во Швајцарија. Договорот би можел да има значително влијание врз безбедноста на Блискиот Исток, глобалните енергетски пазари и меѓународните односи.