Американскиот претседател Доналд Трамп ја отфрли можноста лидерката на опозицијата Марија Корина Мачадо да стане привремена претседателка на Венецуела, бидејќи таа ја прифати Нобеловата награда за мир минатата година, објави „Вашингтон пост“, повикувајќи се на извори блиски до Белата куќа.
Според весникот, Трамп бил незадоволен од одлуката на Мачадо да ја прифати наградата бидејќи верува дека самиот ја заслужува. Обидите на Мачадо да го пофали Трамп по доделувањето на наградата не биле доволни за да го смират неговиот гнев, велат два извори.
„Доколку таа го одбиеше и речеше: „Не можам да го прифатам затоа што му припаѓа на Доналд Трамп“, денес ќе беше претседател на Венецуела“, изјави еден извор за „Вашингтон пост“. Истиот извор го опиша прифаќањето на Нобеловата награда како „најголем грев“ во очите на Трамп.
„Вашингтон пост“ објави дека американската администрација сега наместо тоа соработува со Делси Родригез, поранешната потпретседателка на соборениот претседател Николас Мадуро, која беше назначена за привремен претседател на Венецуела по американската операција и неговото апсење.
„Вашингтон пост“ потсетува дека Марија Корина Мачадо била едно од најистакнатите лица на венецуелската опозиција и симбол на отпорот кон Мадуро, но дека нејзиниот однос со сегашната американска администрација сериозно се влошил по доделувањето на Нобеловата награда.
