„The Grand Tour“ – „Една за по пат“ и една за спомените и љубовта кон автомобилите

Излезе последната епизода од „The Grand Tour“, прикладно наречена „Една за по пат“, во кое Џереми Кларксон, Џејмс Меј и Ричард Хамонд во автомобилска авантура низ Зимбабве ставија крај на нивната 22-годишна заедничка кариера од водење на ТВ шоу за автомобили.

Последната епизода од „The Grand Tour“ ги има сите елементи за успешна „специјална“ епизода на триото, кое својата заедничка работа ја започна на „Top Gear“ пред 22 години. Епизодата ја започнуваат со класични автомобили кои сакале да ги возат кога биле млади.

Клаксон вози Ланчија Монтекарло, Меј вози Триумф Стаг, додека Хамонд го избрал трилитарскиот Форд Капри. Необични автомобили за авантура низ Африка, но ова трио токму на тоа ги навикна нивните фанови изминатите децении.

Тие имаат вистинска авантура, справувајќи се со, не секогаш, добрите патишта, барајќи ја вистинската насока за да стигнат од најисточниот до најзападниот дел на Зимбабве, но и борејќи се со многубројните проблеми на нивните автомобили. Во оваа епизода, триото ги вози автомобилите кои ги обожавале како млади, возат бродови, а во еден момент дури и ги возат автомобилите по шини, поминувајќи над Викториини Водопади.

Епизодата завршува со посета на островот Кубу, кој се наоѓа во исушеното солено езеро Макгадикгди, локација кое ова трио ја посетува при нивната прва специјална епизода, од „Top Gear“ во Боцвана во 2007 година.

Токму и ваквиот, носталгичен крај, е целта на оваа последна епизода за по пат на „The Grand Tour“. Триото Кларксон, Меј и Хамонд својата автомобилска авантура ја завршуваат на местото каде што ја започнаа, навраќајќи се на спомените, па дури и посетувајќи ги автомобилите кои ги возеле во 2007 година.

Со крајот на „The Grand Tour“ се става крај на една ера за сите љубители на автомобилите и мотоспортот, која започна пред 22 години со „Top Gear“. Кларксон, Меј и Хамонд со нивните шеги, кои понекогаш знаеја да бидат и невкусни, со уникатниот пристап кон автомобилите и нивното оценување и претставување, имаа милионска публика, која ги следеше во чекор.

Публиката остана со нив и покажа дека тие се причината за гледање и кога Кларксон се скара со продуцентите и реши да го напушти Би-Би-Си. Триото тогаш се префрли во „Амазон“, добивајќи огромни суми и повеќе слобода, а публиката остана со нив.

Како што вели една интернет поговорка – Доколку имате околу 30 години и следите мотоспорт, големи се шансите тоа да е поради еден Германец во црвен италијански болид или поради тројца глупаво смешни Британци – алудирајќи на Михаел Шумахер и на триото Кларксон, Меј, Хамонд. 

И тоа е веројатно точно за многумина.

Откако Шумахер доживеа несреќа и го нема во јавноста од декември 2013, тројцата Британци беа тоа што остана од носталгичното заљубување во автомобилите и мотоспортот. Токму затоа оваа последна епизода на „The Grand Tour“ е епизода која љубителите на автомобили и автомобилизам ќе ја гледаат со доза на носталгија и можеби некоја солза во очите, бидејќи навистина е крај на една ера.

„Една за по пат“ и една за спомените и љубовта кон автомобилите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни