Терапија: Луи Вега – Можеме ли повторно да го вратиме Скопје на мапата на живи градови?

Легендарниот диџеј се навраќа на деновите кога градот пулсираше со ритам и енергија, зборува за влијанието на ноќниот живот врз градскиот идентитет и повикува на обединување за повторно враќање на таа искра.

Скопје некогаш пулсираше со ноќен живот кој привлекуваше луѓе од целиот регион . Град жив со ритам, креативност и поврзаност. Дваесет години подоцна, многу од тој дух изгледа пригушен, но не и изгубен. Во овој разговор, легендарниот диџеј и продуцент Луи Вега се навраќа на тоа што го правеше Скопје посебно, како ноќниот живот го обликува идентитетот на еден град и зошто е време повторно да се разбуди таа искра.

1. Какви се твоите импресии или спомени од Скопје и неговиот ноќен живот?

Вега: Моите спомени од ноќниот живот во Скопје се прекрасни. Сум бил таму неколку пати и секојпат беше прекрасно искуство. Сите се толку пријателски настроени и секогаш подготвени за добра забава. Публиката покажува емоции на подиумот, а тоа се најдобрите луѓе за кои можеш да пушташ музика. Гостопримството е секогаш неверојатно — најдобра храна, удобен престој. Запознав прекрасни пријатели што и денес ги имам, кои не поддржуваат насекаде низ светот. Толку лојална и полна со љубов публика! Сум среќавал луѓе од настаните каде што сум свирел во Скопје и подоцна во Миконос, Ибица, Лондон, Њујорк и многу други места! Затоа секогаш се велам – луѓето се навистина посебни! Сите клубски вечери беа незаборавни, сите танцуваа додека буквално не се изгасеа светлата. 🙂

Како би го споредил ноќниот живот во Скопје пред дваесет години со денешниот?

Вега: Ноќниот живот беше жив и енергичен и пред многу години, а дури и денес се чувствува тој дух. Мислам дека сме среќни што имаме најдобри луѓе кои танцуваат и ја сакаат музиката кога доаѓаме во Скопје. Емоционално, чувството беше исто — полнo со љубов од пристигнување до заминување. Настанот “The Ritual with Anané & Louie Vega” минатото лето во Скопје беше фантастичен — енергијата, насмевките, скандирањата, прегратките и љубовта во воздухот беа нешто посебно!

3. Можеш ли да повлечеш паралела помеѓу клубската сцена тогаш и сега во големите светски градови? Дали и таму има слични промени, и во кој правец?

Вега: Се случија големи промени во ноќниот живот насекаде во светот — денес е повеќе „свет на маси и ВИП-зони“, каде луѓето сакаат да се собираат околу диџејот, но понекогаш преголема гужва, шишиња, маси, повторно шишиња и маси. Понекогаш изгледа дека публиката е повеќе загрижена да биде „ВИП“, но тоа не важи за сите. Ние сме среќни што имаме вистинска публика која ја сака музиката и го цени тоа што го правиме — и токму тоа го негуваме. Луѓето излегуваат од различни причини, но ние кои живееме и дишеме музика, кои сме големи придонесувачи во ова што го нарекуваме хаус, секогаш се обидуваме да привлечеме оние кои доаѓаат за музиката — кои сакаат да си заминат од клубот исполнети и воздигнати! Живееме за тоа — да ви дадеме патување, доживување, па дури и лекција за танц музиката, сето тоа со добри намери од срце.

4. Што мислиш дека го предизвика опаѓањето на ноќниот живот и музичката сцена тука? Каде го гледаш главниот проблем?

Вега: Не знам точно што се случило, но ќе кажам дека секогаш ќе има луѓе кои ја сакаат музиката и живеат за хаус музиката и нејзините многубројни поджанрови. Оваа музика навлегува длабоко во тебе — тоа е неспорно. Хаус, афрохаус, диско, тех-хаус, техно, соул, афро-латин, ампиано, три-степ, афротек — има толку многу добра музика во светот, и на диџеите им е задача да ја пронајдат и да ја свират најдобро за вас!
Без разлика што се случило, секогаш ќе постојат љубителите на музиката, танчерите… Генерациите пред нас, сегашните и идните кои сакаат да се забавуваат, да излезат во клуб, на фестивал, во бич клуб, бар и повеќе. Сè е во публиката и тие се број еден!

5. Конечно, што мислиш дека би можело да биде решението за оживување на локалната сцена и културата на ноќниот живот?

Вега: Промотерите, клубовите и диџеите треба да соработуваат да се обединат. Треба да ги убедат повисоките инстанци колку е важен ноќниот живот и како музиката ја лекува душата таа размена на енергија е многу значајна во животот. Ни треба подигање на духот а токму тоа го прави музиката.

Откако дознав што се случи во вашата земја, во градот Кочани, морам да кажам дека безбедноста е од најголема важност, и се надевам дека сè ќе оди кон подобро со подобри безбедносни мерки. Мора да оди. Нека Бог ги благослови оние што ги изгубивме. Тоа е едно скршено срце.

Линк од интервјуто тука

Новинар Катерина Васковска

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни