Мајка и ќерка загинаа во Тафталиџе, истрагата е во тек

Мајка и ќерка загинаа по пад од зграда во Тафталиџе. Семејството тврди дека претходно пријавувале насилство, институциите засега без одговор.

Тафталиџе во тага ја дочека веста за смртта на мајка и нејзината ќерка, кои попладнево загинаа по пад од станбена зграда во скопската населба, додека полицијата и обвинителството вршат увид и сè уште не ја соопштуваат конечната квалификација на настанот, пренесува Рацин.мк.

Според информациите што ги објавија медиумите, настанот бил пријавен во МВР околу 14:15 часот, по што на местото излегле полициски екипи и обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје. Двете лица починале на самото место, а увидот продолжил и во доцните попладневни часови.

Канал 5 објави дека трагедијата се случила во комплексот „Алумина“ во Тафталиџе, односно станува збор за локација меѓу улицата „Прашка“ и булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“. Од МВР, засега велат дека случајот не може да биде квалификуван сè додека не завршат увидот и останатите постапки во координација со обвинител.

Во меѓувреме, член на потесното семејство на починатата жена преку објава на социјалните мрежи изнесе тврдења дека трагедијата е резултат на долгогодишни институционални пропусти. Во објавата тој наведува дека претходно биле пријавувани случаи на семејно насилство, физичко и психичко малтретирање, закани, како и сериозни инциденти во државна институција, но според него, надлежните органи не реагирале соодветно.

„Денес потфрли МВР, социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата“, напиша Александар Стојановски.

Тој апелираше до јавноста да не шпекулира за околностите, но побара силен фокус од медиумите и граѓаните, нагласувајќи дека случајот не смее да остане само бројка во статистиката.

„Државата овозможи да згаснат млади животи. Никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа“, наведува тој.

Во објавата открива дека неговата сестра требало повторно да се појави во социјалните служби поради случајот, а сподели и личен момент со внуката, која за Прочка му рекла: „Вујче, прости ми ако сум ти згрешила нешто“.

„Вујчино, прости ми ти. Прости на овие неспособни институции. А јас, вујче, нема никогаш да простам и да заборавам“, напиша Стојановски, повикувајќи јавноста да ја сподели пораката „за да не се заборави и изгуби низ системот“.

Од надлежните институции засега нема официјален одговор на наводите изнесени во објавата.

Во отсуство на официјално соопштени повеќе детали, институциите засега настапуваат претпазливо, а јавноста очекува дополнителни информации по завршувањето на истрагата. Случајот повторно ја отвори чувствителната тема за семејните и личните трагедии што најчесто стануваат видливи дури кога веќе е предоцна.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни