Како настанале првоаприлските шеги?

Потеклото на првоаприлските шеги, нивната историја и најпознатите примери од светот.

Секој 1 април, познат како April Fools’ Day, луѓето ширум светот се шегуваат со пријателите, семејството и колегите. Овој ден е симбол на хумор и креативност, но малкумина знаат како всушност настанала оваа традиција и зошто токму овој датум е резервиран за шеги.

Потеклото на првоаприлските шеги не е целосно разјаснето, но најчесто се поврзува со воведувањето на Грегоријанскиот календар во 16 век. До тогаш, во делови од Европа се користел Јулианскиот календар, според кој овој празник се славела кон крајот на март. Со реформата воведена на почетокот на годината бил преместен на 1 Април, но некои луѓе продолжиле да го слават според стариот календар и станале мета на потсмев.

Со текот на времето, оваа пракса се проширила низ Европа, а подоцна и низ светот, прераснувајќи во ден посветен на шеги. Некои од нив останале запаметени како легендарни, особено кога биле пласирани преку медиуми и компании.

Една од најпознатите е шегата на BBC од 1957 година, кога бил емитуван прилог за „берба“ на шпагети од дрвја во Швајцарија, што натерало илјадници гледачи да поверуваат. Во 2005 година, Google претстави измислен пијалак што ја зголемува интелигенцијата, додека Taco Bell во 1996 година лажно објави дека го купила познатото ѕвоно на слободата.

Сепак, не сите шеги завршуваат безопасно. Имало случаи кога ваквите информации предизвикале паника и забуна кај јавноста. Во современото време, кога вестите се шират со огромна брзина преку интернет, границата меѓу хумор и дезинформација станува сè потенка.

Затоа, и медиумите и поединците сè повеќе се повикуваат на одговорност. Добрата првоаприлска шега треба да биде духовита и забавна, но да не предизвикува штета или страв кај другите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни