На 22 февруари извидниците ширум светот го одбележуваат Светскиот ден на извидниците, познат и како Founder’s Day – роденденот на основачот на движењето, Роберт Баден-Пауел.
Станува збор за глобално младинско движење присутно во повеќе од 170 земји во светот, кое обединува десетици милиони членови. Светскиот ден на извидниците се одбележува како симбол на пријателство, солидарност и заеднички вредности што ги поврзуваат младите преку континенти.
Во Македонија, извидничкото движење има повеќедецениска традиција и активно функционира во повеќе градови низ државата. Преку активности во природа, хуманитарни акции и неформално образование, извидниците развиваат лидерски вештини, тимска работа и чувство на граѓанска одговорност.
Во изјава за Трн, Виктор Гилев од Прв Скопски Извиднички Одред вели:
„Денот на извидници – 22 Февруари, уште познат како ‘Founder’s day’ го слават извидниците ширум светот , а датумот всушност е роденденот на нашиот основач – Лорд Роберт Баден Пауел.“

Извидништво со повеќе од еден век традиција
Светскиот ден на извидниците се одбележува во повеќе од 170 земји и обединува десетици милиони млади ширум светот. Движењето започнува во 1907 година, кога основачот Роберт Баден-Пауел го организира првиот извиднички камп на островот Браунси во Велика Британија, поставувајќи ги темелите на вредносниот систем што и денес го следат генерации млади.
Еден од клучните моменти во извидништвото е давањето извиднички завет – свечен чин со кој новите членови јавно се обврзуваат дека ќе ги почитуваат принципите на чесност, солидарност и помагање на другите. Со давањето на заветот тие ја добиваат и извидничката марама, симбол на припадност и одговорност кон одредот и заедницата.

Цел месец во знакот на добри дела
Одбележувањето не трае само еден ден.
„Традиционално го одбележуваме со добри дела низ текот на целиот месец, хуманитарни акции, инклузивност на ранливи групи на деца во нашите активности, храна за бездомните животни и многу други“, вели Виктор.
Скопските одреди организираат и ноќен хајк до врв Крстовар на Водно, додека одредите од другите градови реализираат слични активности на локалните планини.
„Скопските одреди организираат и ноќен хајк до врв Крстовар на Водно, а повеќето одреди од другите градови го прават истото на соседните планини во градот“, додава тој.
Дарување крв и повик до граѓаните
Полнолетните членови активно се вклучуваат и во крводарителски акции. Како што нагласи Виктор:„Полнолетните членови се дел и од акција за дарување на крв која се организира во секој град каде има извидници. Во Скопје истата се случува на 20ти Февруари од 14:00-18:00 во Младински центар матично каде ги охрабруваме сите хумани граѓани да ни се приклучат.“
Главниот настан годинава во Кичево
Централната прослава секоја година се одржува во различен град, а оваа година домаќин е Кичево.
„Секоја година главниот настан се случува во различен град и оваа година тоа е Кичево. На самиот настан се пријавени 390 извидници, а Прв Скопски Извиднички Одред учествува со 90 извидници од најмалите развигорци на 6 години до највозрасните водачи.“
Програмата започнува со марш до Плоштадот во Кичево, по што следува свечено отворање и давањето завет.
„Агендата на настанот започнува со марш до Плоштадот во Кичево, на кој следи свечено отворање на настанот, давање завет на новите извидници кои за прв пат ќе добијат марама, а потоа и стаза од 3 часа со различни активности“ , изјавува Виктор.
Давањето извиднички завет претставува свечен чин со кој новите членови јавно се обврзуваат дека ќе ги почитуваат принципите на чесност, помагање на другите и одговорност кон заедницата. Марамата што ја добиваат е симбол на припадност и преземање одговорност – не само кон одредот, туку и кон општеството.
Хуманитарна поддршка за погодените од поплави

Хуманитарната димензија останува централна.
„Освен тоа секој извидник има предзадача да донесе конзервирана храна и вода за семејствата кои се погодени од неодамнешната поплава.“
На самиот ден, симболиката ќе биде видлива и во урбаните средини.
„На самиот ден на извидници, ќе забележите многу од нас како носиме марама во текот на целиот ден, застанете и поздравете нѐ со извидничкиот поздрав,
Биди Подготвен!“
Во време кога младите најчесто се поврзуваат преку дигитални платформи, извидништвото останува простор за директна комуникација, физичка активност и конкретна солидарност. Светскиот ден на извидниците не е само прослава на традицијата, туку потсетник дека младите преку мали, но организирани дела можат да направат значајна општествена разлика.