Светски ден на детето: Децата се иднината, наша одговорност е да им обезбедиме љубов и поддршка

„Децата се иднината на нашето општество и на светот. Како возрасни, имаме одговорност да им овозможиме на децата да растат во безбедна и сакана средина. Најважно од сè, треба да им даваме несебична љубов и да поминуваме повеќе време со нив, бидејќи им недостасуваме. Иако можеби звучи грубо, реалноста е дека многу деца не добиваат доволно внимание и поддршка од своите родители. Светскиот ден на детето е идеална можност да се потсетиме на нашата улога во нивниот развој. Дозволете им да сонуваат и активно поддржувајте ги во остварувањето на нивните соништа. Наша одговорност е да создадеме свет во кој секое дете ќе биде сакано и слушнато, затоа што светот што тие ќе го изградат ќе биде одраз на вложувањата што сега ги правиме во нив. Слушајте ги, поддржувајте ги и сакајте ги секој ден“, изјави за Трн, Славица Несторовска Дамјанска – проф. по одделенска настава во ООУ “ Петар Поп Арсов“.

Светскиот ден на детето, кој се одбележува на денешен ден, 20 ноември, е основан во 1954 година како Универзален ден на децата. Овој ден е создаден со цел да се промовира меѓународната единственост, свесноста кај децата ширум светот и подобрувањето на благосостојбата на децата. На овој датум во 1959 година, Генералното собрание на ОН ја усвои Декларацијата за правата на детето, а во 1989 година, истото собрание ја усвои Конвенцијата за правата на детето.

Светскиот ден на детето не само што служи како потсетник за правата на децата, туку и како повик за акција за подобрување на условите во кои живеат. Овој ден е важен за сите нас, бидејќи нè потсетува на одговорноста да ги заштитиме и поддржиме најмладите членови на нашето општество.

Во контекст на Македонија, последните истражувања покажуваат дека децата се соочуваат со значителни предизвици, особено со сиромаштијата. Според податоците објавени од Државниот завод за статистика, над 120.000 деца во Македонија живеат под националниот праг на сиромаштија, што укажува на потребата од итни мерки за подобрување на нивната благосостојба.

Д-р Љубинка Дамјановиќ

„Меѓутоа предизвиците се многубројни, учењето, другарувањето, можноста да ги развиваат талентите и способностите… Наспроти насилството и булингот во училишната средина, сиромаштијата во семејството, семејните болести и насилство во семејството кое ниедно дете не треба да го доживее никогаш“, истакнува д-р Љубинка Дамјановиќ, специјалист психијатар ЈЗУ Здравствен Дом Скопје. Понатаму таа истакнува кои мерки се преземаат за подобрување на здравствената заштита на децата кај нас, „Секојдневно педијатрите и стручните Служби стремат кон достапна здраствена заштита на секое дете, можноста за превенција на заразните болести, бројни едукативни превентивни програми за спречување на хроничните незаразни болести, достапноста на вакцинацијата, следењето на здравјето на забите и грижата за убавите детски насмевки. Здравствената заштита на децата започнува уште и во текот на бременоста со бројни прегледи и совети за мајката и идното семејство“.

Здравствена заштита на децата треба да е бесплатна и секому достапна, на секое дете да го добие соодветниот лек и третман.

Д-р Драгана Емел Маркоска

Драгана Емел Маркоска, специјалист педијатар, смета дека ова е многу важно прашање, бидејќи мерките кои се преземаат не се доволни.„ Сметам дека треба да се работи на подобрување на здравствената заштита на децата. Иако постојат некои иницијативи, јавноста, особено родителите, не се доволно запознаени со мерките кои можат да помогнат во подобрувањето на здравствената заштита. Основно, акцентот треба да биде ставен на превентивните прегледи кај децата, што е клучно за нивното здравје и благосостојба“, потенцира таа, истовремено споделувајќи дека за неа ова е многу важен ден. „Веројатно е најважниот ден во годината за мене. Денот кога ‘најголемите’ се најважни. Би сакала сите, со заеднички сили, да го направиме светот да им биде поубаво место на живеење… да им помогнеме во откривањето на својот пат во животот.“

Славица Несторовска Дамјанска

Во однос на состојбата со образованието, поразговаравме со Славица Несторовска Дамјанска – проф. по одделенска настава во ООУ “ Петар Поп Арсов“ – Карпош. За неа, која важи за една од омилените наставнички, овој ден претставува ден кога се потсетуваме на важноста да обезбедиме услови кои ќе овозможат секое дете да расте, учи и се развива во безбедна, сакана и поддржувачка средина.

„Светскиот ден на детето е и повик за сите нас да се ангажираме за остварување на правата на децата, тие да  бидат слушнати и да имаат свој глас во одлучувањето, но секако кога тоа е остварливо. Светскиот ден на детето е и можност да ги здружиме силите и да дадеме напор сите  организации, институции и поединци кои работат на подобрување на животот и здравјето на децата да се сетиме дека сите деца заслужуваат еднакви можности за раст и развој без разлика на нивната социјална, економска или географска позиција.

Во суштина, за мене, овој ден е потсетник на нашата колективна одговорност да ги заштитиме правата на децата и да создадеме свет кој ќе им понуди најдобра иднина.

Бидејќи таа доста активно работи со децата, смета дека професорите по одделенска настава играат клучна улога во подобрувањето на условите за живот и образованието на децата. „Ние не се ограничуваме само на предавање на наставната содржина, туку сме вклучени во целиот процес на нивното растење. Постојано професионално се усовршуваме, следиме разни обуки, семинари, курсеви, применуваме најнови методи и технологии во наставата, се со цел да ја прилагодиме наставната содржина да одговара на сите  учениците, вклучително и за децата со попреченост, за да им ја приближиме и да им биде поинтересно. Им помагаме во развојот на социјалните вештини и секако ја поттикнуваме инклузивноста во училницата, но и надвор од неа. Постојано правиме работилници во училиштата во тесна соработка со психолозите и педагозите за да им помогнеме полесно да се справат со личните проблеми и емоционалните предизвици, се учиме меѓусебно да препознаеме секаков вид на насилство, работиме на тоа да превенираме, спречиме навреме, но и да им помогнеме да ги надминат проблемите. Ние сме првата контакт личност, после домашните. Секогаш сме до нив за помош, поддршка и совет.

Постојано работиме на нивната самодоверба и ги охрабруваме да ги развиваат своите интереси и таленти, но и да се почитуваат едни со други, да развиваат чувство на одговорност и солидарност, како и да стекнат вредности кои ќе им помогнат во личниот и општествениот живот.

Активно соработуваме со родителите, иако понекогаш тоа оди потешко, но се трудиме да бидат постојано информирани за своите деца, за нивниот напредок во училиште, но и да ги советуваме во ситуации дури и кога тие не можат сами да ги согледаат проблемите. Се организираат најразлични настани и работилници каде учествуваат заедно и родителите и децата и секако наставниците. Не смее да се прекине таа врска, тој триаголник, дете, родител, наставник е многу важен.

Соработката со локалната зедница е исто така  важна, но соработуваме и со многу организации кои помагаат на сите начини да ги подобриме условите во училиштата.

Сите активности, се што правиме е за нашите ученици, ние велиме моите деца, сакаме да се чувствуваат безбедни на училиште , да ги образуваме и уште поважно да ги воспитуваме, да работиме на нивниот личен и социјален развој што е клучно за нивниот успех во животот“, изјавува Славица.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни