Патролни чамци и хеликоптери на Грчка крајбрежна стража и денеска трагаат по можни преживеани лица по ноќниот судир меѓу патролен брод и глисер со мигранти во близина на островот Хиос, во источниот дел на Егејско Море. Во несреќата загинаа најмалку 15 лица, соопштија грчките власти.
Според официјалните информации, 24 мигранти, меѓу кои и 11 деца, се повредени и префрлени во болница на Хиос. Повредени се и двајца припадници на крајбрежната стража, од кои едниот и понатаму е хоспитализиран. Телата на 11 мажи и три жени биле извлечени од морето веднаш по судирот, додека уште една жена подоцна им подлегнала на повредите во болница.
Не е познато колку лица вкупно имало во глисерот. Потрагата започнала веднаш по несреќата со четири патролни чамци, два хеликоптера и нуркачи, а утрово продолжи со еден хеликоптер и пет патролни пловила.
Според соопштението на грчката крајбрежна стража, нивен патролен чамец доцна синоќа забележал глисер кој се движел кон Хиос без вклучени навигациски светла. И покрај звучните и визуелните сигнали, глисерот не застанал, го сменил правецот и се судрил со патролниот брод, по што се превртел.
Агенцијата АП пренесува дека на фотографиите објавени од крајбрежната стража се гледа оштетување на десната страна на патролниот брод, но додава дека извештајот не можел независно да биде потврден.
Грција е една од главните влезни точки во Европската Унија за луѓе кои бегаат од конфликти и сиромаштија на Блискиот Исток, во Африка и Азија. Фатални несреќи при преминот преку Егејското Море се чести, особено при обидите за краток, но ризичен премин од турскиот брег до грчките острови.
Иако зголемените патроли и заострените миграциски политики во последните години го намалија бројот на обиди за илегален премин, темата за миграциите останува едно од најконтроверзните прашања во рамки на Европската Унија.
