Студентите во блокада денеска организираат протест во Нови Пазар под слоганот „Или тие или ние“, реагирајќи на одлуките поради кои над 200 студенти го изгубиле студентскиот статус, а околу 30 професори останале без работа на Државниот универзитет во Нови Пазар (ДУНП).
Како што информираат студентите преку социјалните мрежи, протестот ќе започне во 11:00 часот пред зградата на ДУНП. Во 11:52 часот ќе се одржи минута молк во чест на загинатите при падот на надстрешницата во Нови Сад минатата година.
Централниот дел од програмата е закажан за 17:00 часот, кога ќе им се обратат претставници на студентските блокади и ќе бидат поздравени студентите кои пристигнуваат од други градови.
„Повеќе од една година се бориме против неправда, притисоци и репресија. Денес е моментот повторно да покажеме што значи студентска солидарност и заедништво“, порачуваат организаторите.
На протестот се очекува присуство на студенти од Белград, Нови Сад, Крагуевац и Ниш, како и поддршка од универзитети ширум земјата. Дел од учесниците пристигнуваат и со велосипеди, како симбол на истрајност и отпор.
Превозникот Миломир Јаћимовиќ најави организиран превоз за студентите од Нови Сад, со поаѓање во 7:00 часот од универзитетскиот кампус, додека враќањето е планирано околу 23:00 часот.
Студентите од ДУНП објавија и мапа на протестот, на која се означени бина, штандови со храна и пијалаци, како и продажни пунктови за поддршка на протестот.