Редок продор на арктички воздух кон крајот на април ќе донесе драстичен пад на температурите низ источна и југоисточна Европа, пишува метеоролошкиот сервис Severe Weather Europe.
Што ја предизвикува наглата промена на времето?
До продорот на студен воздух кон југ доаѓа поради доцно слабеење на поларниот вртлог, што ѝ овозможи на арктичката воздушна маса да го заобиколи вообичаеното западно струење. Клучна улога има силната Омега блокада – подрачје со висок воздушен притисок над северниот Атлантик и Гренланд, кое делува како бариера и го насочува студениот воздух директно кон Европа. Оваа блокада, која ќе се задржи до почетокот на мај, се формирала и поради промени над Пацификот, каде преминот од фазата Ла Ниња придонесува за северно-јужно струење на воздухот над Европа.
Студениот бран што се спушта од Арктикот ќе донесе температури пониски за 10 до 15 степени од просекот за овој период од годината, што претставува сериозна закана за земјоделството. Особено се загрозени лозјата и овоштарниците, кои поради претходно високите температури веќе се во чувствителна фаза на цветање.
Топлото време на почетокот на април, со температури што достигнуваа и над 25°C, поттикна предвремен раст на вегетацијата, поради што враќањето на утринските мразови сега е значително поопасно отколку во текот на зимата.
Арктичката студенина го зафаќа истокот и северот на Европа
Временските услови почнаа да се менуваат веќе викендов со зајакнување на антициклонот над Атлантикот и западна Европа кон Гренланд. Над Балтикот се развива длабок циклон што ќе донесе снег и ниски температури. Веќе во ноќта кон понеделник, многу студена воздушна маса пристигна во источна Европа, а температурите ќе бидат од 8 до 12 степени под просекот за крајот на април.
Најстудениот воздух и потенцијално штетниот утрински мраз се очекуваат во поголемиот дел од Полска, Белорусија, западна Украина, северна Словачка и северозападна Русија, иако ќе биде ветровито. Циклонот над Балтикот ќе донесе и значајни снежни врнежи во северозападна Русија, каде може да наврнат и до 50 сантиметри снег. Снег се очекува и во Естонија и јужна Финска, додека во северна Норвешка врнежите ќе траат до средината на неделата.
Студениот бран средината на неделата стигнува и на Балканот
До средината на неделата, антициклонот над северниот Атлантик дополнително ќе зајакне и ќе се прошири до Гренланд, туркајќи го студениот воздух кон централна Европа и Балканскиот Полуостров. Температурната аномалија ќе биде изразена, со вредности и до 12 степени под нормалата во многу земји од источна Европа. Постепеното заладување во среда ќе зафати и делови од централна Европа, вклучително и Балканот.
Во исто време, западна Европа и западниот Медитеран ќе останат под влијание на потопла воздушна маса, создавајќи остар температурен контраст низ централниот дел на континентот.
Во четврток и петок наутро, температурите во источна Германија, Чешка, Словачка, Полска и Австрија би можеле да се движат околу нула, а во котлините е можен доцен мраз што може да предизвика штети. Овој „диполен“ образец (топло на запад и студено на исток) ќе се задржи до крајот на април и почетокот на мај.
Почетокот на мај носи екстремно заладување
До петок, 1 мај, силниот антициклон над Атлантикот ќе се организира во класична Омега блокада. Додека топлината ќе се задржи над западна Европа, студениот бран ќе се засили над Балканот и црноморскиот регион, каде ќе се премести длабокиот циклон. Температурите ќе бидат од 10 до 15 степени под просекот, што е исклучително ретко за почетокот на мај.
Ваквата силна температурна аномалија ќе донесе многу студени утра во петок и сабота, со температури што локално може да паднат и под нулата. Тоа е особено критично поради ризикот од мраз во лозјата низ поголемиот дел од Балканот, каде штетите може да бидат значителни.