По одлуката на Иран да го затвори Ормутскиот теснец и заканите дека ќе бидат нападнати сите бродови што ќе се обидат да минат низ теснецот, стотици хрватски морнари се најдоа во исклучително тешка и неизвесна ситуација во Персискиот Залив.
Генералниот секретар на Синдикатот на хрватските морнари, Невен Мелван, изјави дека станува збор за сериозна криза бидејќи никој не може да предвиди како ќе се развива конфликтот и до каде може да оди ескалацијата.
„Се проценува дека околу 300 хрватски морнари се наоѓаат во воената зона во Персискиот Залив, вработени на офшор платформи и други постројки поврзани со транспортот на нафта и природен гас. Неколкумина ни се јавија – тие буквално се заглавени на аеродроми, бидејќи нема летови“, изјави Мелван.
Тој предупреди на отежнатите услови за нивно враќање во Хрватска, како и на безбедносните ризици на кои се изложени.
Брод во Дубаи останува на безбедна позиција
Во пристаништето Хамрија кај Дубаи се наоѓа и бродот „AP Astarea“ на Atlantska plovidba. Од компанијата порачуваат дека во моментов е најбезбедно бродот да остане таму.
„Безбедноста на екипажот и бродот е апсолутен приоритет. Комерцијалните ефекти не доаѓаат пред безбедноста“, велат од компанијата, која е во сопственост на Tankerska plovidba.
Државата подготвува евакуација
Во понеделникот се одржал состанок меѓу Синдикатот на морнари и претставници на Министерството за поморствои промет и Министерството за надворешни работи на Хрватска, на кој се разгледувале можностите за извлекување на хрватските државјани.
Хрватска ангажирала авион на Croatia Airlines за евакуација на своите граѓани од Блискиот Исток. Според министерството, приоритет при враќањето ќе имаат ранливи групи – деца, болни лица и бремени жени.
Шефот на хрватската дипломатија, Горан Грлиќ Радман, изјавил дека околу две илјади хрватски државјани се наоѓаат во Дубаи и дека, доколку се обезбедат безбедносни гаранции, ќе биде организиран лет за нивно враќање.
Скок на цените на гасот
Во меѓувреме, референтните европски цени на гасот нагло пораснаа. По објавата на QatarEnergy дека го прекинува производството поради нападите, холандскиот TTF индекс бележи повеќе од двојно зголемување од крајот на минатата недела, достигнувајќи највисоко ниво од почетокот на 2023 година.
Ескалацијата во Персискиот Залив, покрај безбедносните ризици за морнарите, има и сериозни последици врз глобалниот енергетски пазар и европската економија.