„Стоп за Усје“ на протестен марш во Скопје: Не за нова дозвола за старо загадување

Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ протестираше во Скопје против издавањето нова А-интегрирана еколошка дозвола за цементарницата „Титан Усје“, предупредувајќи на недоволна контрола на опасните загадувачи.

Со порака „Не за нова дозвола за старо загадување“, граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ денеска организираше протестен марш во Скопје, изразувајќи несогласување со постапката за издавање нова А-интегрирана еколошка дозвола за цементарницата „Титан Усје“.

Маршот започна пред Собранието, по што демонстрантите се упатија кон Министерството за животна средина и просторно планирање, институцијата која треба да одлучува за обновување на дозволата. Учесниците носеа транспаренти со пораки како „Нашите бели дробови не се филтер“, „Едно од девет бебиња умира поради загаден воздух“ и „Титан Усје ни ја уништува иднината“, укажувајќи на загриженоста за квалитетот на воздухот и можните последици врз здравјето на граѓаните.

Од иницијативата посочуваат дека барањето за новата дозвола, кое е ставено на јавен увид, содржи сериозни недостатоци. Според нив, документот предвидува гранични вредности само за три загадувачи, при што тие остануваат идентични со оние од постојната дозвола и, како што тврдат, се значително повисоки од стандардите што важат во Европската Унија.

Особена загриженост предизвикува, велат од „Стоп за Усје“, отсуството на конкретни гранични вредности и обврски за мониторинг на тешки метали, диоксини и фурани, супстанции кои се сметаат за едни од најопасните загадувачи по здравјето на луѓето и животната средина. Од иницијативата предупредуваат дека овие емисии можат да бидат поврзани со согорувањето алтернативни горива, а во исто време во барањето за новата дозвола се предвидува зголемување на нивната употреба без соодветно зајакнати механизми за контрола и следење.

Протестот е дел од пошироките барања на граѓанските организации за поголема транспарентност, построги еколошки стандарди и посилна заштита на јавното здравје при носењето одлуки што се однесуваат на индустриските капацитети во земјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс