Велика Британија ја засилува противвоздушната одбрана на својата воена база на Кипар со распоредување хеликоптери опремени за неутрализирање беспилотни летала (дронови), изјави британскиот премиер Кир Стармер.
Тој најави и дека во регионот ќе биде испратен разорувачот HMS Dragon, како дополнително зајакнување на безбедносните капацитети.
Стармер нагласи дека Велика Британија е „целосно посветена на безбедноста на Кипар и на британскиот воен персонал кој се наоѓа таму“.
Значајни одбранбени капацитети
Претходно, портпаролот на британскиот премиер, запрашан за информациите дека Лондон размислува за испраќање воен брод за заштита на британската воздухопловна база на Кипар, изјави дека од безбедносни причини нема да шпекулира за движењата на силите или за конкретни операции.
„Повеќепати ги претставивме силите што ги распоредивме во регионот. Тие вклучуваат радарски системи, противвоздушна одбрана и борбени авиони F-35. Тоа се значајни одбранбени средства за нашите бази на Кипар“, изјави портпаролот.
Тој додаде дека заштитата на силите постојано се преиспитува, но дека јавноста ќе биде информирана кога ќе бидат преземени значајни одбранбени активности.
Британскиот министер за одбрана Џон Хили, исто така, изјави дека се разгледува можноста за испраќање разорувач на Кралската морнарица за зајакнување на одбраната на базата RAF Akrotiri од потенцијални идни напади со дронови.