Студентите повикаа на општа граѓанска непослушност или како што велат, „генерален штрајк” на сите граѓани, без исклучок. На повикот одговорија установите од културата, ИТ и цивилниот сектор, образованието, адвокатите, некои угостители и претприемачи, медиуми.
„Не одиме на работа, не одиме на предавања, не ги извршуваме секојдневните обврски. Ќе ја земеме слободата во свои раце“, порачаа студентите.
Новинарите го нарекоа овој генерален штрајк – настан без преседан во постпетооктомвриска Србија.
Прво се огласија најмладите, белградските гимназијалци најавија час во природа и 45 минути блокада на кружниот тек кај Ушче, каде што во 12:45 учениците од Нови Београд ќе се сретнат со средношколците од стариот дел на градот.
„Се надевам дека ќе биде многу убаво, со многу транспаренти, ќе се повикуваме на солидарност со студентите во борбата за заеднички идеали. Пораките се аполитични, не се за ниту една ниту за друга страна, тие се исклучиво заподдршка за студентите“, изјави Максим Новотни.
А заради тоа што им е онеможено да ги поддржат студентите, некои работници поднесоа откази. Епидемиологот од Студентската поликлиника, д-р Мила Паунчиќ, го раскина договорот за работа и му напиша писмо на директорот.
„Неприфатливо е што институцијата која веќе повеќе од еден век се грижи за здравјето на студентите не застана покрај нив, кои веќе два месеца се борат за најголемите вредности кои едно општество може да ги има. Тие се изложени на огромен стрес, закани, навреди, насилство, исцрпување и напади. А ние? Да молчиме?“, вели Паунчиќ.
Наставничката по биологија од Бачка Паланка, Маја Тарбук Роквиќ, објасни дека притисоците и сегашната политичка ситуација придонесоа за поднесувањето на отказите во училиштето. Адвокатите го продолжија прекинот на работа за уште три дена.
„Ова е важен момент, морално и духовно, доминација на нешто што е здраво, а тоа токму го прават овие млади луѓе кои испратија многу јасни пораки дека нема да дозволат тоталитаризам“, изјави Зденко Томановиќ.
На повикот за граѓанска непослушност и штрајк солидарности одговорија и установите од културата, цивилниот сектор, угостителите, претприемачите.
Дел од работниците од ЕПС и Колубара ги поддржаа барањата на студентите и со нивна поддршка пред управната зграда на компанијата побараа оставки на раководството и на министерката за енергетика. Велат дека нема да го исклучат електричниот тек ниту за болници и училишта, ниту за војската и полицијата.
Пораката што студентите ја испраќаат е јасна: сѐ мора да запре. На социјалните мрежи, сѐ повеќе домашни претпријатија, меѓу кои мали и средни претпријатија, угостителски објекти, книжарници, услужни работилници, регионални компании, но и медиуми како Н1, Nova.rs, Danas и Sportklub, најавуваат дека ќе прекинат со работа во петок.
Притисоците и стравот од репресија не ги обесхрабрија оние кои сакаат да се борат за праведно општество. Нинослава Самарџија, претприемачка од Нови Сад, нагласува важноста на солидарноста и борбата за подобро општество, истакнувајќи дека е неопходно заедно да влијаеме на општеството за да се исправат неправдите. Слично, Стојан Секулин од книжарницата Библос смета дека е сосема природно да се приклучат на штрајкот, бидејќи борбата на студентите за систем кој функционира и за лекување на општеството е нешто што сите треба да го поддржат.
Поддршка за генералниот штрајк даваат и мултинационалните компании. Жељко Влаховиќ од компанијата „Swisslion Takovo“ истакнува дека компанијата не се занимава со дневна политика, но дека е сосема неприфатливо фаворизирањето на странски компании и лобистички интереси, и дека ја поддржуваат борбата на студентите за правна држава и општествена одговорност.
Општиот заклучок е дека штрајкот не е само борба на студентите, туку борба на целото општество за подобар систем и поубав живот.