Со моќните ракети „Фламинго“ Украина нападна руска фабрика за проектили

Нападот, кој се случи на повеќе од 1.300 километри од украинската граница, денес го потврди Генералштабот на вооружените сили на Украина

Украинската војска спроведе ноќна операција во која крстосувачките ракети со долг дострел „Фламинго“ погодија фабрика за машини во Воткинск, клучен погон за производство на ракети во руската Република Удмуртија. Нападот, кој се случи на повеќе од 1.300 километри од украинската граница, денес го потврди Генералштабот на вооружените сили на Украина, пишува „Киев Индепендент“ .

Генералштабот го потврди нападот.

Фабриката во Воткинск е стратешко претпријатие за државна одбрана и еден од најважните производители на ракети во Русија. Таму се произведуваат балистички ракети со краток дострел „Искандер-М“, кои често се користат во нападите врз Украина, и интерконтинентални балистички ракети (ICBM) способни да носат нуклеарни боеви глави во САД. Се сомнева дека во фабриката се произведува и новата руска ICBM „Орешник“.

„Претпријатието на воено-индустрискиот комплекс Воткински завод беше погодено. Евидентиран е пожар во реонот на објектот. Последиците се утврдуваат“, објави украинскиот Генералштаб на социјалните мрежи. Како дел од истата операција, Украина, исто така, таргетираше фабрика за преработка на гас во Самарска област, складиште за гориво во окупираниот Донецк, работилница за беспилотни летала во Донецка област и воен склад во Запорошка област со ракети „Фламинго“.

Експлозии и жртви во Воткинск

Жителите на Воткинск пријавија експлозии во текот на ноќта, велејќи дека целта била фабрика за ракети. Тие објавија слики од црн чад што се издига од местото на настанот на социјалните мрежи и споделија фотографии од скршени прозорци во блиските згради. Александар Бречалов, шефот на Удмуртската Република, потврди дека украински дрон погодил објект во регионот, без да ја прецизира точната цел. „Според оперативните податоци, има штета и жртви“, рече Бречалов.

Независниот руски Телеграм канал „Астра“, повикувајќи се на анализа на снимки од очевидци, објави дека фабриката во Воткинск била погодена и дека најмалку 11 лица се повредени во нападот. Според нивните извори, оштетени се две фабрички работилници, број 22 и 36.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни