Смртна казна

Историски гледано смртната казна прво била филозофска а потоа и правна или законска тема. Со убиствата на Вања и Панче кои нè шокираа сите нас, воведувањето на смртната казна повторно стана актуелно. Се покрена петиција за воведување на смртна казна со цел убијците да бидат казнети на ист начин, со нивно усмртување. Но дали постоењето на смртна казна е вистинскиот избор? Дали решаваме некој оштествен проблем или само градиме општество на одмазда? Лично сум против постоење на смртна казна од повеќе причини . Овде ќе образложам некои од нив.

Прво, смртната казна не придонесува за намалување на криминалот. Постојат повеќе истражувања кои тоа го заклучуваат. Една  анализа од 2020 покажува дека 9 од 10 држави со највисоки стапки на убиства се држави во кои има смртна казна. На смртната казна и недостасува застрашувачки ефект на кој вообичаено се повикуваат нејзините застапници велејќи дека со смртната казна ќе се влијае превентивно да нема веќе криминал односно убиства.  Како што неодамна беше наведено од Генералното собрание на Обединетите нации, „нема убедлив доказ за застрашувачката вредност на смртната казна“ .

Сите злосторства се лоши. Некои убиства се позлосторнички од други убиства, но убиство е убиство, така да не може некој да се осуди на помала смртна казна или на поголема смртна казна. Не е мал бројот на луѓе кои биле осудени на смртна казна и согласно неа погубени, за да подоцна се открие дека тие не биле виновни и биле осудени по грешка.

Друго прашање кое се поставува е дали при изрекување на смртната казна ќе се внимава на полонолетството и пресметливоста.  Дали ако делото го сторило лице на 13 или 14 годишна возраст како што беше случајот во Србија кога малолетник уби девет свои соученици и еден вработен во училиштето би бил казнет со смртна казна. Или пак ако убиецот го сторил делото во афектна состојба или како резултат на психичка болест. Се отвoраат многу прашања кои го закомпликуваат на изглед едноставното воведување на смртна казна. Исто така со смртната казна никогаш не се казнува само сторителот на некое злодело. Постојат искуства и истражувања од земјите каде има смртна казна  кои укажуваат дека таа влијае многу трауматично на децата и блиските роднини на сторителот но и на сите деца воопшто како и на сите инволвирани во спроведувањето на смртната казна.

Убиството на дете е ужасно злосторство. Но, да се изрече смртна казна е исто така убиство. Тогаш сите ние стануваме убијци ако дозволиме такво нешто. Во тој случај смртната казна и егзекуцијата на претставува ништо друго туку еден примордијален спектакл да се засити жедта за одмазда.

Не бевме ли сведоци на доволно крв и смрт изминативе 30 години? Војна во Југославија (да потсетам дека една од првите жртви беше Сашко Гечевски од Кавадарци, кој загина во Сплит како тогашен војник на ЈНА). Војна во Македонија. Далеку е тоа не памтиме, ќе рече некој. Ок, ајде одиме со примери од последниве 3 години. Случајот Онкологија ако се докаже како таков не е ништо друго освен смртна казна за болните од рак. Немањето на можност за оперативни зафати за одредени здравствени состојби што е ако не смртна казна  за оние кои немаат неколку десетици ијлади евра за да се оперираат во странство. Не постоењето на програма за лекување на малолетни зависници од дроги што е ако не смртна казна за нив?  Тоа што секој месец умираат  луѓе во затвори каде речиси и да не постои соодветна здравствена грижа што е ако не смртна казна за некои од затворениците.  А таму не се сите убијци, напротив. Тоа што немаме соодветен систем за превенција на фемицид што е ако не смртна казна за значаен број на жени. Или зголемениот број на смртни случаи на работници пред се во градежниот сектор. Да не спомнувам за загадениот воздух и неколкуте илјади смртни случаи кои секоја години се резултат на тоа загадување.

Да не набројувам понатаму. Во Македонија веќе има смртна казна, таа постои за слабите, за сиромашните, за маргинализираните, за „небитните”. Ајде да се бориме да ги намалиме смртните случаи, не да ги зголемуваме. Воведувањето на смртна казна во вакво корумпирано општество и корумпирано судство како нашето ќе  значи само едно,  смртната казна ќе се спроведува само врз оние кои се слаби и сиромашни,  оние кои се на маргините на општеството. Во вакви услови на корумпираност богатите и моќните лесно ќе ја избегнат смртната казна. Така да драги мои, дали ни треба уште една мерка која ќе биде искористена авторитарно и на штета на послабите. Јас не би играл така. Би играл да се бориме против корупцијата, против неказнивоста која е пракса на нашите институции. Сега знаеме дека против Палчо имало повеќе кривични пријави и дека доколку тој бил во затвор,  Вања и Панче денес ќе беа живи. Понатаму, да ги натераме медиумите и надлежните да не оставаат простор на екстремни ликови како Палчо,  Миленко и сличните кои создаваат атмосфера на линч и закана кон луѓето. Нам ни треба значајна општествена трансформација која бара ангажман и гласност од многу граѓани.  Затоа да се фокусираме сите на таа трансформација која ќе доведе до состојба каде мнозинството граѓани во оваа земја нема да бидат огорчени, насилни и агресивни кои бараат крв.  Знам дека тоа е долготрајна борба за која треба многу време, енергија и цврсти нерви. Ама што ни останува друго? Веројатно нема сите да си одиме од тука?

Авторот е истражувач, активист за човекови права, фотограф и магистер по социјална политика.

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни