Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ќе се обиде со сила да ги запре студентските блокади и протести – тоа е сосема јасно по изјавата која ја даде пред неколку дена на ТВ Пинк, во која практично најави масовни апсења на новинари, професори, декани… Тоа практично го потврди и на собирот одржан во саботата навечер, кога ги опомена државните органи дека треба да си ја вршат работата, инаку ќе има последици.
Дека е време протестите да престанат, најави и претседателката на парламентот, Ана Брнабиќ, а слични пораки доаѓаа и од други функционери на власта. Соговорниците на Nova.rs велат дека притисокот што претседателот го врши врз судството и обвинителството досега не е виден во Србија и дека станува збор за обид за државен удар.
Во пресрет на големиот тридневен собир во Белград, каде што се промовираше Движењето за народ и држава, Вучиќ денови наназад повикуваше на единство, додека истовремено испраќаше отворени закани.
Во гостување на ТВ „Пинк“, Вучиќ практично најави „пресметка“ со независните новинари во Србија, велејќи дека „лично ќе поднесе кривична пријава против обвинителот кој одбил да ги уапси новинарите на блокадерските медиуми“. Освен новинарите, на мета на Вучиќ беа и деканите на факултетите кои беа во блокада, како и ректорот Владaн Ѓокиќ.
„Сега знаат дека се во малцинство, сега им е јасно дека Србија се разбуди, дека слободољубивата Србија се разбуди, дека нема повеќе да трпи зулум и дека народот сака да ја зачува државата. А со што се соочуваме? Со нивниот страв. Па како ќе помине деканката на Економскиот факултет без одговорност? Ги испрашуваше студентите на ЛСЕ, а им забрани на нашите студенти да следат настава. Како ќе помине ректорот Ѓокиќ без кривично-правна одговорност?“, праша Вучиќ, и најави дека лично ќе поднесе кривична пријава против обвинителот.
„Тоа досега никогаш не сум го направил. А против тој обвинител што ја поднесе пријавата – против него лично ќе поднесам. Па да видиме дали ќе ја отфрлат пријавата и ќе речат дека сум јас луд, а тој паметен затоа што не сака да гони новинари што јаваат трактори…“, рече Вучиќ на „Пинк“.
Запаливата реторика ја продолжи и на митингот „Не ја даваме Србија“.
„Нема да отстапиме од барањата изнесени на собирот во Белград. Тоа се барања усогласени со Уставот, само што некој го суспендирал Уставот, а тоа не беа луѓето на власт, туку тие што се обидоа да ја отуѓат државата и институциите“, порача Вучиќ.
„Нема повеќе неказнето блокирање на ГСП, железнички станици и други јавни служби. Дали некој ќе се обиде барањата да не се исполнат? Можно е, но ние нема да отстапиме“, додаде Вучиќ, образложувајќи ги петте барања кои државните органи мора да ги исполнат.
„Заврши со обоената револуција. Нема да им дадеме ниту на тие однадвор, ниту на тие одвнатре да ја срушат државата. Може да шетаат колку сакаат – нема ништо од тоа.“
Слични изјави даде и претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ:
„Србија уште еднаш покажа трпеливост, мнозинска Србија тоа го покажа и тоа победи. Ниту една репресивна мерка не е користена. Сега велиме: доста е – студентите мора да учат, Србија мора да работи и да надомести сè што изгубивме во изминатите пет месеци“, рече Брнабиќ за РТС.
Додека тие ги испраќаа овие пораки на националните телевизии, на теренот овие идеи веќе се реализираа.
Прво беше уапсен колумнистот на Пешчаник, Дејан Илиќ, по изјава дадена на ТВ Нова. Потоа, по повик на деканот на Медицинскиот факултет во Ниш, Александра Митиќа, полицијата упадна на факултетот, а повеќе од 100 студенти и професори дадоа изјава во полиција.
Потоа, адвокатот и функционер на СНС, Владимир Ѓукановиќ, повика полицијата да влезе на сите факултети и да ги уапси студентите блокадери.
Адвокатот Божо Прелевиќ вели дека Вучиќ започнува пресметка со вистината.
„Мислам дека тука најмногу ќе биде загрозена вистината, затоа и се врши репресија кон медиумите, бидејќи му пречат само ако ја пренесуваат вистината“, вели Прелевиќ за Нова и додава дека тоа ќе биде обележје на новата фаза во која веќе сме влезени.
„Тој ги копира студентите. Ако студентите возат велосипед, и тој ќе вози; ако пешачат, и тој ќе најде некој што пешачи; ако сакаат протест – и тој ќе сака. Тоа копирање ја банализира реалноста. Ќе ве потсетам на зборовите на Хана Арент: банализацијата на вистината и злото има една цел – создавање конфузија, во која луѓето не знаат што е добро, а што лошо. Без таа конфузија, тој не може да остане на власт“, вели Прелевиќ.
Соговорникот на Nova.rs констатира дека притисокот кој Вучиќ го врши врз судството и обвинителството е невиден и претставува форма на државен удар.
„Власт што има парламентарно мнозинство спроведува државен удар врз сопствените судии. А тоа што не се гледа јасно е дека Вучиќ врши притисок и врз генерали на војската и полицијата кои се лојални на Уставот и законот“, вели Прелевиќ и додава:
„Сè има преземено. Вели: ‘јас ги донесов тракторите’, ‘јас си дадов дозвола да посетам пациент’… Тоа значи: ‘јас, претседателот на Чачиленд, сум семоќен’. Државниот удар е во тоа што тој вели дека за него Уставот и законите не важат.“
Слободан Георгиев од ТВ Нова вели дека изјавите на претседателот треба да се документираат и испратат до обвинителството.
„Тој е личност што треба да ја уапсат полицијата и обвинителството. Тој веќе не е во политиката. Ако постојат државни органи, тие треба да се занимаваат со човекот што јавно им се заканува на сите. Тој не е претседател на Србија, туку претседател на герила која ја носи во Белград“, заклучува Георгиев.