Русија во ноќта кон петокот по вторпат од почетокот на целосната инвазија во 2022 година истрела ракета од типот „Орешник“ кон Украина, во напад што Киев и неговите сојузници го толкуваат како директно предупредување до Западот.
Иако руските одбранбени власти не открија каде точно погодила ракетата, украинските институции во петокот соопштија дека имало повеќе експлозии и балистички ракетен удар врз западниот град Лавов.
Првата употреба на ова ново оружје, кое може да носи нуклеарни или конвенционални боеви глави, се случи кон крајот на ноември 2024 година, кога, според достапните информации, била погодена напуштена фабрика во Днипро.
Што е „Орешник“?
Станува збор за балистичка ракета со среден дострел, за која се проценува дека има домет од 1.000 до 1.600 километри. Американските одбранбени претставници ракетата истрелана во 2024 година ја класифицираа како балистичка ракета со среден и долг дострел (IRBM), што укажува дека нејзиниот вистински домет би можел да надмине и 4.800 километри.
Оддалеченоста од базата Капустин Јар, од каде што наводно е лансирана ракетата, до Лавов изнесува околу 1.450 километри.
Клучна карактеристика на „Орешник“ е можноста од една ракета да се одвојат до шест независно наведувани боеви глави (MIRV), при што секоја може да биде насочена кон различна цел. Ова ѝ овозможува на една ракета да изврши широк и координиран напад.
Потекло на името
Името „Орешник“ значи леска, алудирајќи на изгледот на ракетата кога нејзините боеви глави се раздвојуваат и паѓаат кон земјата оставајќи огнени траги. Украинската страна првата истрелана ракета ја нарече „Кедар“.
Американски претставници сметаат дека „Орешник“ е еволуција или директна варијанта на ракетата RS-26 „Рубеж“, развиена уште во 2008 година.
Може ли да се пресретне?
Ракетата се движи со хиперсонична брзина од околу 13.000 km/h, летајќи високо над атмосферата, а потоа нагло се спушта кон целите. Поради ваквата траекторија и брзина, моментално е речиси невозможно да се пресретне со противвоздушните системи со кои располага Украина.
Иако досега „Орешник“ носел само конвенционални експлозиви, тој припаѓа на класата ракети дизајнирани за нуклеарни боеви глави, што дополнително ја зголемува сериозноста на заканата. Според достапните информации, САД биле однапред информирани за првото лансирање, за да не дојде до погрешно толкување како нуклеарен напад.
Украински експерти кои ги анализирале остатоците од ракетата истрелана врз Днипро наведуваат дека „Орешник“ не користи особено напредна електроника, туку се потпира на познати и проверени технологии.
Зошто токму сега и зошто е ова важно?
Овој напад се смета за значајна ескалација, бидејќи ракета со нуклеарен капацитет е истрелана кон Лавов – град кој се наоѓа на околу еден час возење од границата со Полска, членка на НАТО.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха оцени дека станува збор за сериозна закана за безбедноста на Европа и тест за трансатлантската заедница. Слична порака упати и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Каја Калас, која изјави дека ова е јасно осмислено предупредување до Европа и САД.
Москва тврди дека нападот бил одговор на наводен обид за напад врз резиденцијата на Владимир Путин, иако американските разузнавачки служби ја отфрлија таа теза. Кремљ дополнително најавува масовно производство на „Орешник“ и можна нивна дислокација во Белорусија, што аналитичарите го гледаат како обид за заплашување на европските држави.
