Шесто издание на Флипбук Филм Фестивал – 110 филмови во пет категории

На отворањето на фестивалот специјална проекција и домашна премиера ќе има филмот „Неми филмови“ на нашиот автор Крсте Господиновски, кој годинава во мај имаше премиера на Анеси и веќе освои неколку награди на филмските фестивали.

Шестото издание на Флипбук Филм Фестивал ќе се одржи од 7ми до 10ти август годинава во Кинотеката на Македонија и ќе прикаже 110 филмови во главната, студентската, селекцијата на анимиран докуметарец, на анимирани музички видеа и европската панорама.

Во главната селекција ќе бидат прикажани наградуваните филмови од светските филмски фестивали од изминатата година, меѓу останатите и филмот „Хурикан“ на чешкиот автор Јан Саска, добитник на награди на Санденс, Анеси, Мелбурн, Лондон, „Вљубениот Кафка“ на Зане Оборенко, „Психонаути“ и „Како“ на хрватите Нико Радаш и Марко Мештровиќ, и филмови од полска, шведска, белгијска, руска, грчка, француска продукција.

Во студентската селекција ќе бидат прикажани филмови од најдобрите европски школи за анимиран филм, наградуваните германско-ирански “Крушова градина”, француско-британскиот „Интермисија“. Во категоријата анимиран-документарен филм ќе бидат прикажани седум наслови, меѓу кои наградуваниот „Саарвокадо“ на Виктор Ороско Рамирез, данскиот „Визуелизација на пресек“, францускиот „Мојот тинејџ блекаут“ прикажан во Отава и Клермон Феран итн.

На отворањето на фестивалот специјална проекција и домашна премиера ќе има филмот „Неми филмови“ на нашиот автор Крсте Господиновски, кој годинава во мај имаше премиера на Анеси и веќе освои неколку награди на филмските фестивали.

Изненадување е годинава и бројот и квалитетот на пристигнати македонски анимирани филмови на отворениот повик на фестивалот. Во студентската селекција ќе бидат прикажани „Изгубено-најдено“ на Диме Ѓорѓиевски и „Мајчин инстинкт“ на Ема Зафировска, а во селекцијата на анимирани музички видеа ќе бидат прикажани „Еден ден“ на Ѓорѓе Јовановиќ и Александар Јосифовски и „Приспивна“ на Никола Радуловиќ. Во европската панорама ќе бидат прикажани вкупно 31 филм, од кои 5 македонски: „Бла бла“ на Кристина Даниловска, „Последната светулка“ на Димитар Аризанов, „Желба“ на Ирена Поповска, „Дневникот на заведениот“ на Сашко Илов и Цеци Темкова, „Рега га е“ на Ивица Сирановиќ и „17 часот“ на Фјака Коколи.

Во рамките на фестивалот ќе бидат реализирани и изложби и работилници за производство на анимиран филм и флип-бук, а ќе бидат промовирани и книгите „Калиграфи на филмското писмо“ на нашиот филмски критичар Влатко Галевски, издание на Флип Бук Букс, и книгата „Штрих и стих“, издание на познатиот во светот на анимираниот филм „Компот колектив“ чии основачи Весела Данчева и Иван Богданов се дел од овогодинешното жири.

Во жирито годинава членови ќе бидат и директорите на филмскиот фестивал Анимест од Букурешт, Лиџа Соаре и Михаи Митрица и наградуваните српски автори на анимиран филм Никола Мајдак и Ана Недељковиќ.

Годинешното издание на Флипбук Филм Фестивал е поддржано од Агенцијата за филм на Македонија, Кинотеката и организацијата Еко Свест која ќе додели награда за најдобар филм со еколошка тема.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни