Саудиска Арабија, Катар, Турција и Оман го повикаа американскиот претседател Доналд Трамп да не започнува воздушни напади врз Иран, предупредувајќи дека таков потег би можел да предизвика голем и неконтролабилен конфликт на Блискиот Исток.
Според дипломатски извори, притисокот од овие долгогодишни американски сојузници придонел Трамп засега да се откаже од воена интервенција.
Саудискиот министер за надворешни работи, принцот Фајсал бин Фархан, вчера разговарал со своите колеги од Иран, Оман и Турција. Саудиска Арабија дополнително сигнализирала воздржаност со тоа што одбила да го отстапи својот воздушен простор за евентуални американски напади.
Иако Иран и понатаму има затегнати односи со заливските држави поради регионалните влијанија и политички несогласувања, Техеран во последните години вложува напори за подобрување на односите. Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи оствари повеќе посети во арапските престолнини, а односите меѓу Иран и Саудиска Арабија веќе три години постепено се стабилизираат, пишува Guardian.
Заливските земји се загрижени и поради можноста Иран да го наруши поморскиот сообраќај во Персискиот Залив, што би имало сериозни последици за глобалната економија. Во тој контекст, Арагчи тврди дека Иран претставува помал ризик за регионалната стабилност отколку Израел.
По израелските воздушни напади во Катар минатата година, САД се извинија на Доха и понудија дополнителни безбедносни гаранции. Катар тогаш го обвини Израел дека ги саботира мировните напори во регионот.
Регионалните лидери стравуваат дека улични протести и насилна промена на власта во Иран би можеле да доведат до нестабилност, па дури и до распад на државата, што би создало опасен преседан во регионот.
Портпаролот на катарското Министерство за надворешни работи, Маџед ал-Ансари, изјави дека „големите регионални предизвици бараат враќање на дијалогот“, додека турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан повика САД и Иран да го решат спорот преку преговори или посредници.
