Самитот за Западен Балкан започнува во Белфаст: Британија ќе се фокусира на миграцијата и безбедноста

Британската министерка за надворешни работи, Ивет Купер, ќе биде домаќин на самитот за Западен Балкан во Белфаст, каде европските сојузници ќе разговараат за криминалот поврзан со миграцијата и безбедноста во регионот, додека Британија се обидува да го ограничи порастот на нелегалните премини преку Ламанш со мали чамци.

Како што пренесува ДПА, Велика Британија ќе обезбеди финансиска поддршка за зајакнување на граничната безбедност и обука на безбедносните сили во Косово, како и помош за унапредување на кибер безбедноста со цел да се заштити од руско мешање во регионот.

На самитот, кој ќе се одржи во замокот Хилсборо, познат по потпишувањето на Белфастскиот договор, Купер ќе најави инвестиција од 4 милиони фунти (приближно 5,3 милиони долари) за борба против руските закани, насочени кон „дестабилизација на регионот“ и „разгорување на етничките тензии“. Исто така, ќе бидат најавени и 10 милиони фунти за програми за спречување на шверцувањето луѓе во Западен Балкан и други клучни региони.

Во исто време, дел од персоналот на Министерството за надворешни работи ќе се пренасочи за да се фокусира на миграционите прашања и преговори со други земји за враќање на мигранти кои немаат право да останат во Велика Британија.

Западен Балкан останува важна транзитна рута за мигранти што патуваат кон Европската унија и Велика Британија. Според британското Министерство за надворешни работи, минатата година биле регистрирани околу 22.000 нелегални премини на границата.

„Заштитата на безбедноста и стабилноста на Западен Балкан е од заеднички интерес. Мораме да бидеме свесни за заканите со кои се соочуваат нашите партнери, од руските напори да ги оживеат етничките тензии до банди кои шверцуваат луѓе“, изјави Купер, додавајќи дека меѓународната соработка е клучна за економски раст и зајакнување на безбедноста.

Самитот во Белфаст е дел од претседавањето на Велика Британија со Берлинскиот процес во 2025 година.

Извор: Независен

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни