Референдумот за забраната за сообраќај на приватни автомобили во центарот на Берлин е во согласност со Уставот и затоа може да се спроведе, одлучи Уставниот суд на градот-држава Берлин.
„Забраната за сообраќај во рамките на Берлинскиот прстен не ги крши правата на граѓаните загарантирани со Уставот“, заклучи судот.
Во образложението понатаму се наведува дека правото на користење автомобил во одредени сообраќајни области не е едно од основните права на граѓаните.
Судот со тоа ја отфрли жалбата на Берлинскиот сенат (Министерство за внатрешни работи), кој ја смета забраната за сообраќај во центарот на градот, а со тоа и подготовката на референдум за иницијативата „Берлин без автомобили“, за неуставна.
Иницијативата „Берлин без автомобили“ подготвува референдум на кој граѓаните ќе одлучат дали на приватните возила треба да им се забрани движењето на улиците во рамките на градскиот железнички прстен на Берлин. Влезот во оваа област, која се смета за поширок центар на градот, би бил дозволен само дванаесет пати годишно.
Уставниот суд дојде до заклучок дека сообраќајните ограничувања би биле значајни, но бројните исклучоци за возила за достава или такси можат да ги ублажат ограничувањата.
Иницијативата со години се бори за намалување на сообраќајот во Берлин и изградба на дополнителни велосипедски ленти. Иницијативата веќе собра доволно потписи за да започне референдум еднаш во 2021 година, но градската администрација поднесе жалба до Уставниот суд.