Соединетите Американски Држави во понеделникот ја укинаа долгогодишната препорака сите деца да се вакцинираат против грип и уште три заразни болести, што претставува значаен пресврт во американската здравствена политика и исполнување на една од клучните цели на министерот за здравство Роберт Ф. Кенеди.
Со новата одлука се укинува универзалната препорака за вакцинирање на децата против ротавирус, грип, менингококна болест и хепатитис А. Наместо тоа, родителите ќе треба да донесуваат одлука во консултација со здравствените работници, во рамки на таканареченото „заедничко клиничко донесување одлуки“.
Мерката ја одобрил вршителот на должност директор на Центарот за контрола и превенција на болести, Џим О’Нил, без вообичаената надворешна експертска рецензија на агенцијата. Овој чекор се смета за продолжение на кампањата на Кенеди за намалување на детската имунизација.
Американскиот претседател Доналд Трамп ја поздрави одлуката, наведувајќи дека САД треба да се „усогласат со другите развиени земји“. Во објава на својата платформа „Truth Social“, Трамп порача дека новиот календар за вакцинирање е „втемелен во златниот стандард на науката“ и им честиташе на Кенеди и на здравствените власти за, како што рече, „реформите на здравиот разум“.
„Многу Американци, особено таканаречените ‘МАХА мајки’, со години се молат за овие реформи. Ви благодарам што конечно обрнавте внимание“, напиша Трамп, алудирајќи на движењето „Да ја направиме Америка повторно здрава“.
Загриженост кај здравствените експерти
Јавноздравствените експерти, сепак, предупредуваат дека укинувањето на препораките може да доведе до зголемување на бројот на хоспитализации и смртни случаи кои можат да се спречат.
Мајкл Остерхолм, директор на Центарот за истражување на заразни болести при Универзитетот во Минесота, изјави дека ваква одлука требало да биде предмет на јавна и стручна расправа за потенцијалните ризици и придобивки.
Претседателот на Американската академија за педијатрија, Шон О’Лири, нагласи дека споредбите со други развиени земји се проблематични, бидејќи тие имаат поинакви здравствени системи и различни ризици од заразни болести. За разлика од САД, повеќето од тие земји имаат универзална здравствена заштита финансирана од државата.
Експертите потсетуваат дека вакцините против грип, ротавирус, хепатитис А и менингококна болест во минатото спречиле илјадници хоспитализации и смртни случаи кај деца. Само во сезоната 2024–2025 година, грипот одзел живот на 288 деца во САД, според податоците на CDC.
Министерството за здравство и социјални услуги соопшти дека ажурираните препораки и понатаму ја задржуваат задолжителната имунизација против 11 болести, меѓу кои морбили, заушки и овчи сипаници, додека останатите вакцини се префрлаат во категоријата на висок ризик или индивидуално клиничко одлучување.
