Руски ракетни напади го погодија метрото во Киев: Стотици се засолнувале, едно лице загина

Во нов бран воздушни напади, Русија ноќеска лансираше десетици беспилотни летала и ракети кон Украина, при што најмалку едно лице загина во Киев, а повеќе од шест беа повредени. Меѓу најтешко погодените цели беше и метро станицата Лукјанивска, каде што стотици луѓе се засолнувале од нападите.

Пожари избувнаа на неколку локации низ украинската престолнина, а според градоначалникот Виталиј Кличко, спасувачите и медицинските тимови интервенираат во најмалку четири градски области. Чад ја преплави подземната платформа на Лукјанивска, област што претходно повеќепати била цел на руските напади.

„Влезот на станицата беше оштетен како резултат на нападот“, изјави Тимур Ткаченко, началник на воената администрација на Киев, додавајќи дека оштетени се и продавници, деловни објекти и градинка.

Видео снимки покажуваат вознемирени граѓани во станицата, опкружени со прашина и чад. Се слуша жена како плаче. Жителот Макс (32) за „Гардијан“ изјави: „Мојот пријател истрча во подземјето. Ме повика и рече дека го слушнал ударот. Дел од зградата, дури и покривот, се урнаа по ескалаторот. На платформата имаше чад. Ако чадот веќе стигнува до метрото, каде да се засолниме?“

Рој дронови бил забележан над Киев веднаш по 2 часот наутро, проследен со серија силни експлозии. Воздушната одбрана се обидувала да ги пресретне, а нападот траел до 5 часот наутро.

Слични напади беа пријавени и во западниот украински град Ивано-Франкивск, стотици километри оддалечен од фронтот. Градоначалникот Руслан Марцинкив изјави дека ова бил најсилниот напад врз градот од почетокот на руската инвазија во 2022 година. Повредени се и неколку лица во околните села. Нападнат беше и вториот најголем украински град, Харков.

Овие напади доаѓаат неколку дена откако украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека Киев предложил нова рунда мировни преговори со Москва. Досегашните обиди за преговори, меѓу кои и двата круга во Истанбул, не донесоа значаен напредок, освен неколку договори за размена на затвореници и враќање на телата на загинатите војници.

Од Кремљ порачаа дека се подготвени да продолжат со разговорите, откако американскиот претседател Доналд Трамп им постави 50-дневен рок за склучување договор или соочување со нови санкции. Сепак, Москва сè уште инсистира на исполнување на своите максималистички цели – заземање нова украинска територија и смена на актуелната украинска влада.

Во меѓувреме, Европската Унија во петокот го одобри 18-тиот пакет санкции против Русија, насочен кон ограничување на приходите од нафта и дополнителен удар врз руските банки.

Извор: The Guardian

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни