Пет руски дронови паднаа во Молдавија за само 17 часа, Кишинев бара одговор

Кишинев го повика рускиот амбасадор откако остатоци од беспилотни летала повредија едно лице и ја загрозија безбедноста на граѓаните
Фото: Dumska

Властите во Молдавија упатија остра реакција до Москва по падот на пет руски беспилотни летала на молдавска територија во временски интервал од само 17 часа. Инцидентите, забележани на северот и истокот од земјата, предизвикаа повреда кај едно лице и материјална штета. Официјален Кишинев овие упади ги оцени како директна закана за безбедноста на цивилите и јасен доказ дека руската воена агресија врз Украина носи сериозни безбедносни последици за целиот регион.

Инцидентите се случија во текот на четвртокот и петокот, кога пет летала навлегоа во молдавскиот воздушен простор и се урнаа на различни локации. Најголем дел од остатоците се лоцирани во северните и источните делови на земјата. Едно лице се здоби со полесни телесни повреди, а локалните служби пријавија и помала материјална штета на теренот.

Случајот доаѓа само една недела откако друг дрон падна на околу 35 километри од главниот град Кишинев, што покажува дека инцидентите се приближуваат до поголемите урбани центри.

„Овие инциденти претставуваат закана за безбедноста на граѓаните и ги покажуваат директните последици од руската агресивна војна против Украина врз регионалната стабилност“, соопшти молдавското Министерство за надворешни работи.

Поради серијата прекршувања на воздушниот простор, молдавското Министерство за надворешни работи го повика рускиот амбасадор Олег Озеров на разговор за да побара итни објаснувања. Дипломатските односи меѓу двете земји се на најниско ниво, а претседателката Маја Санду одбива да ги прифати акредитивните писма на Озеров, иако тој престојува во земјата повеќе од две години.


Владата во Кишинев води проевропска политика со цел зачленување во Европската Унија до 2030 година и отворено ја осудува руската инвазија врз Украина. Од друга страна, официјална Москва ја обвинува молдавската власт за непријателски курс. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, неодамна изјави дека нормализирање на односите е можно единствено доколку Кишињев го промени политичкиот правец.

е-Трн да боцка во твојот инбокс