Русија удри во најстудената ноќ: Зеленски вели дека е прекршено енергетското примирје

Масовен ракетен и дронски напад врз Украина во најстудената ноќ од зимата, и покрај барањето за воздржаност

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија го прекршила енергетското примирје иницирано на барање на САД, изведувајќи масовен напад врз Украина во ноќта меѓу 2 и 3 февруари. Според Зеленски, со овој потег Москва директно ги игнорирала американските напори за привремена воздржаност од напади врз енергетската инфраструктура, објави украинскиот медиум Украинска Правда.

Зеленски ова го соопшти на заедничка прес-конференција во Киев со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. Тој нагласи дека постоело јасно барање од американската страна, вклучително и од претседателот на САД, нападите врз енергетскиот сектор и клучната инфраструктура да бидат избегнати за време на состаноците на преговарачките тимови.

„Американскиот претседател побара нападите да се стопираат најмалку една недела. Тоа беше исклучително важна одлука. Енергетското примирје фактички започна во ноќта меѓу петокот и саботата, но веќе следната ноќ Русија го прекрши даденото ветување“, изјави Зеленски.

Тој додаде дека руската страна или смета дека една недела трае помалку од четири дена, или, како што рече, отворено се обложува на продолжување на војната, чекајќи го најстудениот период од зимата, кога температурите во голем дел од Украина паѓаат под минус 20 степени Целзиусови.

Напад во најстудената ноќ од зимата

Според украинскиот претседател, Русија во последниот напад употребила 71 ракета и околу 450 беспилотни летала, намерно зголемувајќи го интензитетот на ударот за да го погоди енергетскиот систем во момент на екстремни временски услови.

Во ноќта меѓу 2 и 3 февруари бил изведен комбиниран напад со различни типови ракети лансирани од воздух и од копно, како и со јуришни дронови. Украинската противвоздушна одбрана успеала да собори или да попречи 450 од вкупно 521 лансиран руски проектил и беспилотно летало. И покрај тоа, регистрирани се 27 директни погодоци од ракети и 31 удар од дронови на вкупно 27 локации низ земјата.

Киев бара реакција од меѓународните партнери

Зеленски најави дека за нападот ќе стапи во контакт со американската страна и порача дека очекува меѓународните партнери да не молчат за случувањата во Украина. Тој повторно ја истакна потребата на Киев од дополнителни ракети за системите „Патриот“, како клучен елемент за заштита на украинската инфраструктура.

Воедно, украинскиот претседател посочи дека работата на украинската делегација во мировните преговори ќе биде прилагодена поради новиот руски напад врз енергетскиот сектор, што дополнително ја усложнува хуманитарната и безбедносната состојба во земјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни