Во текот на ноќта во Волгоград, Русија, изби пожар во рафинеријата „Лукоил-Волгограднефтепереработка“, по пријавен напад со беспилотни летала. Регионалниот гувернер Андреј Бочаров соопшти дека противвоздушната одбрана одбила масовен напад насочен кон енергетска и цивилна инфраструктура во Волгоградската област.
Бочаров информираше дека пожарот избувнал во јужниот дел од градот и дека во инцидентот нема жртви. На терен се ангажирани итни служби и локални власти кои работат на обезбедување на локацијата и отстранување на можни остатоци од беспилотни летала.
Според медиумските извештаи, погодена е рафинеријата „Лукоил-Волгограднефтепереработка“ во Красноармејскиот округ. Станува збор за најголемата рафинерија во Волгоградската област и едно од клучните постројки на компанијата „Лукоил“ во регионот. Рафинеријата има капацитет за преработка од над 15 милиони тони сурова нафта годишно и произведува бензин, дизел гориво, авионско гориво, мазут, битумен и други нафтени деривати.
Според анализи на отворени извори (OSINT), ова е најмалку деветти напад врз истото постројување од почетокот на руската инвазија врз Украина. Овие информации не се официјално потврдени од руските власти.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека во текот на ноќта биле уништени 108 беспилотни летала над повеќе области во Русија, од кои 49 над Волгоградската и 29 над Ростовската област. Гувернерот на Ростовската област, Јуриј Сљусар, информираше за материјална штета во повеќе населени места, без пријавени жртви.
Украинската страна засега не го коментирала нападот.
Во изминатиот период, украинските сили изведоа повеќе напади врз руската нафтна инфраструктура. Според проценки на медиуми, во 2025 година биле изведени околу 120 напади врз рафинерии и складишта за нафта. Руските медиуми објавија дека во 2025 година вкупната преработка на нафта во Русија се намалила за 1,7 проценти и изнесувала 262,3 милиони тони.
Засега нема официјална информација дали пожарот во Волгоград ќе има влијание врз производството или снабдувањето со нафтени деривати.
Се очекуваат дополнителни соопштенија од руските власти и од компанијата „Лукоил“ за состојбата на рафинеријата и евентуалното влијание врз енергетската инфраструктура.
