Катарина Илиевска Силјановска, директорка на Театар за деца и млади

„Роња, ќерката на ограбувачот“ со темата за пријателството го заробува вниманието на децата

Актерската игра, сплотеноста, исклучителната енергија и вечната тема „пријателство“ ни ги донесоа наградите и признанијата.

„Роња, ќерката на ограбувачот“, куклена претстава за деца над шест години за само неколку месеци се закити со неколку награди надвор од границите. Режијата и драматизацијата е на Јакуб Максимов, а работена е по истоимениот роман од Астрид Линдгрен.

Во стилот на Пипи долгиот чорап, главниот женски лик Роња е исто така едно палаво и темпераментно девојче кое скоро и да не се плаши од ништо.

За неа режисерот Максимов ќе каже: Роња од Астрид Линдгрен е навистина ќерка на еден ограбувач – таа е дива, своеглава и од ништо не се плаши. Приказната за неа е полна со акција па затоа природно ни дојде да ја адаптираме во куклена претстава со многу ритмични и музички секвенци. Додека таа расте, доживува многу пресвртници. За едно такво дете, природно е што некои од нејзините сознанија ќе бидат малку поразлични од начинот на кој размислуваат нејзините родители.

Околу темата, вистинскиот избор и се она што ја прави оваа претстава да биде исклучителна од повеќе аспекти рзговаравме со Катарина Илиевска Силјановска, директорка на Театарот за деца и млади.

Трн: Што ве инспирираше да ја изберете „Роња, ќерката на ограбувачот“ како претстава за деца и млади?

Катарина: Во разговори и преговори со режисерот Јакуб Максимов од Чешка имавме доста предлози и тој и јас. Меѓутоа по извесен период на размислување,тој остана цврсто решен да ја реализира неговата идеја-“Роња” ќерката на ограбувачот од Астрид Линдгрен. Значи тоа беше негова замисла комплетно.  Кажуваше дека е многу податна за куклена претстава и за т.н објект театар,(она што е негова специјалност) и јас мислам дека успеа во тоа. А исто така ме охрабруваше дека и темата е многу актуелна и за денешницата, иако се случува во некое сосема друго време.

Трн: Оваа претстава се закити со две награди досега, во Котор и во Нови Сад. Колку ви значат овие признанија и што беше пресудно да се закити со наградите: актерската игра, вечно актуелната тема или можеби нешто друго?

Катерина: Претставата се закити како што рековте со две најголеми признанија во Нови Сад и Котор, односно Гран При, но исто така за ликот на Роња, актерката Матеа Јанковска доби три награди за актерско остварување,а добивме и награда за оригинална музика,(композиторот Лазар Новков)  и изведба на истата. Специфично е што музиката и ефектите- (дожд, гром, плач и сл.) се свират и пеат во живо! Нема буквално ништо снимено. Актерската игра е исто така многу важна за севкупниот ефект, сплотеноста, исклучителната енергија во процесот, како и вечно актуелната тема- пријателство. Но сето тоа не би било така добро да не беше тука режисерската палка на “германски” студениот и светски подготвениот режисер Јакуб Максимов.

Трн: Можете ли да ми кажете за темите на пријателството истражени во претставата?

Катарина: Темата пријателство беше претходно истражена од секој од нас, а режисерот дојде подготвен со готов драмски текст, односно драматизација на оригиналното дело, а тука направија мали измени и адаптација на македонски заедно со нашиот драматург Горјан Милошевски. Така што кога дојде режисерот не истражувавме, туку веднаш започнавме со работа на сцена. Предизвици секогаш има при поставување на сцена, особено на мала како нашата и малку се боревме со тоа како да направиме шума и движење низ неа, но успеавме верувам.

Трн: Како претставата ја ангажираше и плени својата млада публика?

Катарина: Што се однесува до нашата млада публика, немаме конкретни реакции. Збунети се.На почеток им е смешно, подоцна реагираат со одушевување.

Трн: Како пристапивте кон сценографијата и костимите за да создадете извонредно искуство за младата публика?

Катарина: Сценографијата и куклите најмногу придонесоа за перфектната визуелност на претставата.  Нив подготвени идејно ги донесе Олга Зјебинска од Полска што живее во Чешка и постојан соработник на Јакуб. Тука ги досредија сите сценографски детали заедно со нашиот вработен  Кирил Василев. Костимите се тотално дискретни за да не одземаат од волшебството на сценографијата,светлото и изведбата.

Трн: Дали вклучивте некои интерактивни или партиципативни елементи во претставата за да го подобрите ангажманот?

Катарина: Продукциски ова е одлично изработена претстава. Од драматизацијата најнапред,преку извонредно организираната сценографија и кукли, до одличната режија  и актерска сплотеност. Со сосема малку партиципативни елементи  во форма на разговори и многу проби и експериментирање со предмети, дојдовме до посакуваниот резултат и успех.

Трн: Какви повратни информации или реакции добивте од децата, младите и нивните семејства по гледањето на претставата?

Катарина: За жал сезонава на матичната сцена ја одигравме малку. Публиката е изненадена, не очекува веројатно таква естетика, но  на крајот на претставата излегуваат занемени. И задоволни! Кај  нас во државата, освен во нашиот театар,ја игравме само во Прилеп на фестивалот “Војдан Чернодрински”, а останатото е се вон земјата,каде не прифаќаат со овации! Па, ќе видиме каков ќе и биде векот од септември.

Инаку, во претставата играат: Матеа Јанковска, Никола Наковски, Мики Анчевски, Катарина Илиевска Силјановска, Ангела Димитрова и Петар Стојанов.

Во реализацијата на претставата учествува мешана театарска екипа со автори од Чешка, Полска, Србија и Македонија. Драматург и автор на преводот на текстот е Горјан Милошевски. Сценографијата, костимографијата, дизајнот на кукли и маски, како и на плакатот и брошурата е на Олга Зјебинска од Полска, а композитор и корепетитор е Лазар Новков од Србија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни