Професорката Капушевска во својот исказ истакнува дека станува збор за роман кој говори за феноменот на заборавот и како индивидуален, медицински феномен, но и како дијагноза за омасовената социјална патологија на нашево време. Темите на меморијата и на заборавот авторката ја илустрира со бројни уметнички и книжевно-теориски компаративи: од Платон, Шилер, Џорџ Орвел, Реј Бредбери, Умберто Еко, Георги Господинов, како и кај теоретичарите Томас Карлајл, Клаус Улрих и Манфред Остен.
„Томислав Османли, мошне умешно, го компонирал својот роман“ – истакнува Д-р Капушевска-Дракулевска – Тој пулсира како дијалог на теоријата и практиката, на фактите и фикцијата, на ерудицијата и нарацијата, на документарноста и креативната фантазија. Со други зборови, во романот постојат главно, две Аријаднини нишки кои водат до средиштето на лавиринтското разоткривање на заборавот кои заемно се испреплетуваат, се надополнуваат и се проникнуваат: едната е теориската, медицинска елаборација на феноменот на заборавот презентирана преку докторската дисертација на еден од главните ликови (…) втората нишка опфаќа неколку индивидуални човечки судбини, буквално жртви на виорот на заборавот… Заборав е и роман (фикција), и есеистичко-теориски трактат за феноменот на заборавот, документ за болеста на нашето совремие.“
Во опсежниот и аналитички исказ деновиве објавен во македонското списание „Стремеж“ под наслов „Сите лица на заборвот“ и во хрватскиот портал „Tris“ насловен “Животот како вечно реми помеѓу сеќавањето и заборавот“, промоторката дава и бројни, конкретни илустрации на интертекстуалноста и мултикултурноста како својства на најновата, постмодернистичка книга на македонскиот автор.
„Романот Заборав на Томислав Османли е и документ, и метафора за севкупната идеја и феноменологија на заборавот и неговата актуелност е несомнена. Покрај длабокиот хуманизам кој провејува на секоја страница, имам впечаток дека и сите лица на самиот автор се испреплетени во рувото на овој роман: талентот за раскажување приказни автентично и луцидно, емотивно, топло и трогателно, но не сентиментално и патетично; драматичноста манифестирана во дејствието и во дијалозите на ликовите, несомнениот сенс за филмот и другите уметнички медиуми…, што ќе рече дека романот Заборав е синтеза на многустраните интереси, таленти и умеења на Томислав Османли.“
Најновата книга на Томислав Османли беше финалист на годинашните конкурси за наградата „Роман на годината“ на Фондацијата „Славко Јаневски“ и на наградата „Стале Попов“ на македонското Друштво на писателите. Промоцијата на 5. Денови на македонската култура во Шибеник како и новата објава во Хрватска на оваа македонска прозна објава ѝ даваат и поширок фокус и понагласено значење.