Кој е Реза Пахлави – името што повторно одекнува на протестите во Иран

Од наследник на Пауновиот трон до фигура на егзилската опозиција – зошто дел од демонстрантите во Иран гледаат решение во Реза Пахлави

Името на Реза Пахлави сè почесто се слуша на улиците на иранските градови, но и на протестите на иранската дијаспора ширум светот. Демонстрантите повикуваат на негово враќање како можен излез од длабоката политичка и општествена криза во која се наоѓа Иран, додека актуелниот режим се соочува со сè поголем притисок и незадоволство.

Реза Пахлави (65) е опозициски лидер и син на последниот ирански шах, Мохамад Реза Шах Пахлави, кој беше соборен со Исламската револуција во 1979 година. Како престолонаследник, Пахлави требаше да го наследи Пауновиот трон, но револуцијата го затекна во Соединетите Американски Држави, каде што во тој период се обучувал за пилот на борбени авиони во Тексас.

Егзил, лични трагедии и изгубеното наследство

По падот на монархијата, семејството Пахлави беше протерано од земјата, останувајќи без државјанство и политичка моќ. Неговиот татко, некогашен сојузник на Западот, подоцна почина од рак во Египет. Изненадниот губиток на моќ го остави младиот престолонаследник и неговото семејство зависни од мал круг монархистички поддржувачи и симпатизери во егзил.

Во наредните години, Пахлави се соочи и со тешки лични трагедии – неговиот помлад брат и сестра си го одзедоа животот, оставајќи го како симболична глава на династија за која многумина сметаа дека припаѓа исклучиво на историјата.

Живот во Вашингтон и јавен профил

Денес, Реза Пахлави живее во Вашингтон. Неговите поддржувачи го опишуваат како скромен и пристапен човек, чест посетител на локални кафулиња, најчесто во друштво на сопругата Јасмин, адвокатка со иранско-американско потекло, без видливо обезбедување. Заедно имаат три ќерки.

Политичка позиција и визија за иднината

Во текот на годините, неговата политичка улога и популарност во Иран варирале. Во 1980 година, тој одржа симболична церемонија на крунисување во Каиро, прогласувајќи се за шах. Подоцна, повеќепати се обидуваше да изгради пошироки опозициски коалиции, меѓу кои и Националниот совет на Иран за слободни избори, основан во 2013 година.

За разлика од некои други опозициски групи во егзил, Пахлави доследно го отфрла насилството и јавно се дистанцира од вооружени организации. Тој постојано повикува на мирна транзиција и национален референдум на кој граѓаните на Иран би одлучиле за идниот политички систем на земјата.

Во последните години, Пахлави повторно се најде во фокусот на јавноста. По израелските воздушни напади во кои беа убиени неколку високи ирански генерали, тој на прес-конференција во Париз изјави дека е подготвен да помогне во водење на преодна влада доколку Исламската Република се распадне. Притоа презентираше и 100-дневен план за привремена администрација.

Симбол за дел од јавноста, контроверзија за други

Името Пахлави не е ново на протестните слогани. Уште во 2017 година, за време на антивладините протести, демонстранти извикуваа „Реза Шах, нека ти е благословена душата“, алудирајќи на неговиот дедо. Денес, слоганите „Пахлави ќе се врати“ повторно се слушаат – и во Иран и на протестите во странство.

Поддржувачите го гледаат Пахлави како единствена опозициска фигура со препознатливо име и долготрајна посветеност на мирни промени. Критичарите, пак, тврдат дека тој и понатаму е премногу зависен од странска поддршка и дека не успеал да изгради силна и одржлива политичка организација во самата земја, и покрај децениите поминати во егзил.

За некои Иранци, презимето Пахлави буди носталгија и надеж за стабилност; за други, тоа претставува страв од замена на еден неизбран систем со друг. Како и да е, фактот дека неговото име повторно се извикува на улиците говори за длабочината на кризата во која се наоѓа денешен Иран.

„Лично мислам дека тој е единствениот излез од ова“, изјави 26-годишна жителка на Техеран за Би-Би-Си – став што сè почесто се слуша меѓу дел од иранската јавност, но кој сè уште нема јасен политички исход.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни