Францускиот автомобилски производител Renault потпиша договор со француската Генерална дирекција за вооружување за производство на дронови со долг дострел, во соработка со одбранбената компанија Turgis Gaillard. Ова претставува прв влез на Renault во производство на оружје од крајот на Втората светска војна, пренесува Financial Times.
Дроновите се наменети за Украина, како дел од напорите на француското Министерство за одбрана да го поддржи Киев во војната против Русија. Договорот, според медиумските информации, би можел да достигне вредност до една милијарда евра во период од 10 години.
Проектот следи по повикот на француската влада од јуни 2025 година, со кој од автомобилската и одбранбената индустрија беше побарано заеднички да воспостават линии за масовно производство на дронови.
Дроновите, со кодно име Chorus, се замислени како француски одговор на иранските дронови „Shahed“, кои руските сили интензивно ги користат во Украина. Според француското специјализирано издание L’Usine Nouvelle, леталата ќе бидат долги околу 10 метри, со распон на крилјата од осум метри, максимална брзина до 400 км/ч и оперативна висина до 5.000 метри.
Производството треба да започне напролет 2026 година во фабриката на Renault во Ле Ман, каде што ќе се воспостави посебна производна линија со околу 200 работници. Моторите ќе се произведуваат во фабриката во Клеон. Доколку тестирањата бидат успешни, месечниот капацитет би можел да достигне и до 600 дронови, а првите 10 единици се очекува да бидат испорачани до средината на 2026 година.
„Пред неколку месеци бевме контактирани од Министерството за вооружени сили за проект за развој на француска индустрија за дронови. Бевме избрани поради нашето индустриско, производствено и дизајнерско искуство“, изјави Фабрис Камболив, директор за раст во Renault, за телевизијата BFM TV.
Партнерството доаѓа во момент кога францускиот претседател Емануел Макрон врши притисок врз одбранбената индустрија за забрзување на производството. Во обраќање од воздухопловна база во Истрас во јануари, Макрон предупреди дека Франција заостанува во развојот на дронови, посочувајќи дека Украина произвела околу четири милиони дронови во 2025 година, наспроти неколку илјади во Франција.
Иако компаниите официјално не потврдија дали дроновите ќе имаат исклучиво офанзивна улога, извештаите наведуваат дека тие ќе се користат и за извидување и за напади со долг дострел.
