На 1 и 2 август во Кочани ќе се случи фестивалот „Расплет фестивал“ кој четири месеци по една од најголемите трагедии кои ја потресоа земјата, ќе се случи во вид на хуманитарно збиднување.

Организаторите на настанот велат дека главната цел на настанот е да се подигне свеста дека донациите за Support Kocani не смеат да се намалат и дека уште се потребни како првиот ден, а целта на овој настан е да ги поттикне луѓето повторно да донираат. Како што велат тие, донациите стивнуваат, но не смеат да запрат бидејќи сега им се најпотребни на повредените кои чекаат за нив.
Преку овој настан, младите се надеваат дека во текот на овие два дена ќе го привлечат вниманието во Кочани. Вториот ден настанот ќе започне подоцна, со цел да се остави простор за мировниот марш најпрво. Тие изразуваат целосна поддршка за маршот и неговото одржување, и потенцираат дека одржувањето на овој настан е во целост посветено на Сара Јорданова, нивна драга пријателка и соученичка која го изгуби животот во пожарот, но и кон сите други засегнати.
На сцената ќе настапат артисти како: ХАЈКА, Корка, Алембик, Соба Глувих, Големата Вода, Такси Консилиум, Луфтанза и други млади алтернативни бендови и поединци кои ќе го дадат нивниот придонес на фестивалот преку учеството.
Учесниците се млади алтернативни бендови од Македонија со важен придонес за најмладата независна културна сцена и нејзиното развивање. Повеќе информации околу настанот и самите нив може да се најдат на нивните социјални мрежи, каде дополнително се објавуваат сите детали.
Фестивалот ќе се одржи на Споменикот на слободата во Кочани, а организаторите ги канат сите да бидат дел и да го дадат својот придонес за Support Kocani, кој сега е потребен повеќе од кога било досега.