Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека не ја смета Русија за одговорна за жртвите во војната во Украина и повтори дека, според неговото толкување, Москва „не ја започнала оваа војна“. Изјавата беше дадена на неговата годишна прес-конференција, на прашање дали ќе сноси одговорност доколку конфликтот продолжи и во наредната година со нови загуби на човечки животи.
Путин истовремено изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп вложува, како што рече, „сериозни напори“ за завршување на војната во Украина и дека верува оти тие напори се искрени. Според него, Русија е подготвена за мирно решение и не го блокира преговарачкиот процес.
На директно прашање за одговорноста за идните загинувања на руски и украински граѓани, Путин одговори дека Москва не ја смета себе си за виновна, бидејќи, како што тврди, „не таа го започнала конфликтот“. Ова тврдење е во спротивност со широко прифатените меѓународни факти дека Русија ја започна целосната воена инвазија врз Украина на 24 февруари 2022 година, кога Путин јавно објави почеток на таканаречена „специјална воена операција“, по што руските сили влегоа на украинска територија од повеќе правци.
Говорејќи за односите со Вашингтон, Путин изјави дека верува оти Трамп „делува апсолутно искрено“ во обидите да се стави крај на војната. Тој потсети и на нивната средба во Анкориџ, Алјаска, во август, тврдејќи дека тогаш ги „координирале ставовите“ и дека во голема мера се согласиле околу предлозите за можен мировен процес.
„Кога пристигнав во Анкориџ, јасно кажав дека одлуките за нас нема да бидат лесни, но дека сме подготвени на компромиси кои тогаш беа предложени“, рече Путин, отфрлајќи ги обвинувањата дека Русија го саботира мировниот процес.
Според него, предлозите за преговори биле изнесени уште на почетните средби во Москва и, како што рече, „апсолутно е неточно“ да се тврди дека Русија одбива дијалог. Вината за застојот во преговорите тој ја префрли на „другата страна“, конкретно на, како што ги нарече, „западните противници“, раководството во Киев и европските сојузници на Украина.
„Топката е целосно на страната на нашите таканаречени западни противници. Ние сме подготвени за преговори и за мирно решавање на конфликтот“, изјави рускиот претседател.
Украинските власти, од своја страна, во повеќе наврати соопштија дека се подготвени за мировни преговори, но дека нема да прифатат услови кои подразбираат откажување од делови од украинската територија, окупирани или анектирани од Русија по почетокот на инвазијата.
Во меѓународниот контекст, Обединетите нации и голем дел од западните земји ја квалификуваат руската воена акција како кршење на меѓународното право и суверенитетот на Украина, позиција што Москва континуирано ја отфрла.
