Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека, според проценките на Москва, Киев не покажал подготвеност за територијални отстапки и мирно решавање на војната во Украина, додека руските сили, како што тврди, продолжуваат да напредуваат на фронтот. Изјавите беа дадени на почетокот на неговата годишна конференција за медиуми и граѓани.
Според Путин, Русија засега не гледа волја кај украинските власти да ги разгледаат територијалните прашања како дел од можен мировен процес. Тој оцени дека Киев го одбива завршувањето на конфликтот по мирен пат, иако, како што рече, Москва останува подготвена за такво решение.
Во своето обраќање, рускиот претседател се наврати и на настаните од 2022 година, кога, според неговото толкување, конфликтот достигнал „точка на пресврт“. Тој повтори дека Русија тогаш најавила дека ќе биде принудена да ги признае самопрогласените Луганска и Доњецка Народна Република, тврдејќи дека конфликтот започнал по „државен пресврт во Украина“.
Путин изјави дека украинските власти во тој период одбиле да ги повлечат своите сили и да ги спроведат договорите постигнати во Истанбул, а дека и денес, според него, не покажуваат подготвеност за мирно решавање на конфликтот. Сепак, тој додаде дека Москва забележува „одредени сигнали“ дека Киев би можел да биде подготвен да се вклучи во дијалог.
Осврнувајќи се на состојбата на бојното поле, Путин изнесе тврдења дека повеќе од половина од украинските населени места во одредени региони се под контрола на руските сили. Тој наведе дека, според руските проценки, иницијативата на фронтот во моментов е на страната на руската армија.
„Противникот се повлекува на сите правци, а руските сили напредуваат“, изјави Путин, додавајќи дека по повлекувањето на украинските сили од областа Курск, руската војска ја презела целосната иницијатива.
Тој исто така тврди дека заземањето на градот Северск отвора пат кон Славјанск, а дека руските сили активно дејствуваат и на јужно-лиманскиот правец. Како што изјави, Красни Лиман наскоро би можел да биде под руска контрола, додека Славјанск, Краматорск и Константиновка ги опиша како главни упоришта на украинските сили.
Во своето обраќање, Путин изнесе и тврдења дека делови од Константиновка, Димитрово и Гуљајполе се под контрола на руските сили, како и дека Купјанск е под руска контрола, при што околу 3.500 украински војници, според неговите зборови, се опколени во пошироката околина на градот.
Тој наведе дека руската армија спроведува операции и во областа Купјанск-Узлово, каде, според руските проценки, се наоѓаат околу 15 украински баталјони. Овие тврдења не се независно потврдени од украинска страна или од меѓународни набљудувачи.
Во меѓувреме, од Кремљ соопштија дека за две недели, откако беше отворена линијата за прашања, биле пристигнати речиси три милиони прашања за рускиот претседател, а конференцијата директно ја следеле околу 600 новинари. Ова е 22. годишна конференција на Путин во ваков формат.
