Пушењето коноп во Македонија – струмичка сцена

Културата на пушење коноп во Македонија започнува позначајно да се развива кон крајот на 70-тите години речиси истовремено во Струмица, во Гевгелија и во Скопје. Клучните луѓе за популаризирање на употребата на конопот заради задоволство доаѓаат од струмичкото село Добрејци. Во тие времиња имало неколку луѓе езотерици кои патувале и ја носеле таа култура во Македонија. Секако најзначајна личност бил Ристо Божинов од  Добрејци.

Ристо Божинов или гуру или шаманот, како го нарекуваат некои негови познаници, е култен лик не само во струмичко туку и воопшто во Македонија. Тој е првиот кој јавно употребува коноп и хашиш во Струмица. Се претпоставува дека Ристо за прв пат пробал коноп на едно од своите патешествија на почетокот на 70-тите години во Германија и потоа почнува да истражува сè што е поврзано со канабисот. Патува низ целиот свет, стигнува и до Индија во Гоа, бил и во Пакистан, Авганистан, Непал, Јужна Америка, САД, Африка, Азија и цела Европа. На едно од своите патувања во Непал  се среќава со еден од учениците на Дон Хуан и на Карлос Кастанеда. Тој му го предава на Ристо неговото знаење за пејотл, татулата и го запознава со шаманската култура. Му дава и две книги и, всушност, Ристо прв ги носи делата на Кастанеда во Македонија. И не само што ги носи туку и ги трансформира во една интерна утопија или дистопија која ја инсталира во Добрејци. По враќањето во Добрејци, некаде кон крајот на 70-тите години, ја пренесува културата на пушење коноп и ја популаризира. Првите семки од коноп ги носи од Индија и од нив ја вади првата реколта.  Толку многу имало што наполнил цела плевна. Почнал да собира многу луѓе и одредени денови кај него имало и 20 до 30 луѓе хипици, правеле забави, дружби, свирки и целата таа атмосфера по ништо не се разликувала од хипи комуните во Индија или во други земји.

Ристо, брат му Милан и Ѓоре од Стојаково беа харизматици кои по ништо не се разликуваа од луѓето кои беа главни ликови во делата на Карлос Кастанеда и Дон Хуан. Луѓе кои ги истражуваа психоактивните супстанци и самите себе. Тоа беше многу популарно во тоа време.”

Според Сашо Гигов Гиш, Ристо и неговата дружина биле како богомилите од 10 век, добродушни  и шамани.

Ристо ја гради познатата пирамида во неговиот двор во Добрејци. Таа била собиралиште на локалните луѓе кои консумирале коноп, но и воопшто на повеќе јавни личности, на уметници и на интелектуалци од цела Македонија кои доаѓале кај него на разговор и на дружба. Таму е сниман и дел од филмот „Самит на шаманите“ во режија на Ацо Станковски кој ја третира темата на употреба на психоактивни супстанции, a во кој се појавуваат Ристо и неговиот брат Милан.

Бил човек емотивец и знаел и да се расплаче со некого кога раскажувал некои трагични случки.

Ристо ги учел луѓето дека ако сакаат да добијат добра реколта на коноп мора да покажеш љубов кон неа, да ѝ зборуваш, да ѝ пееш. Овој однос кон билката е идентичен со односот на нашите предци и нивните верувања дека растенијата се живи суштества со свој животен век и дека треба да се однесуваме добро кон нив.

За многумина Ристо беше и остана олицетворение на слободата.

Како резултат на ова огромно влијание на Ристо и на неговиот брат Милан можеме да кажеме дека употребата на конопот во Добрејци во деведесеттите години се нормализира, односно станува прифатливо однесување и за неговите жители претставува еден вид секојдневие. Според некои луѓе од ова село во почетокот на деведесеттите години дури 70 % од младата популација во селото користела коноп. „Тогаш јас го гледав Добрејци како, не знам дали ќе го опишам, како во Јамајка некое село каде по цел ден сите се хај, се дружат, уживаат. Дури и поголемиот дел од старите селани не ја негираа, односно немаа негативен став кон тревата”, вели Васе од  Добрејци.

Оттука и случајот кога се појави веста во медиумите со наслов  „Ги пријавил в полиција оти му ја краделе марихуаната”. Станува збор за Милан, брат му на Ристо. За него било сосема нормално да одгледува коноп за сопствена употреба, па затоа и си дозволува да пријави во Полицијата и по цена да биде инкриминиран.

Ристо и неколку негови постари другари не се дружеле со лица кои употребувале хероин или слични дроги. Воопшто во тоа време луѓето од Добрејци кои пушеле коноп не поддржувале употреба на која било друга психоактивна супстанција, а пред сè биле против употребата на алкохол. Ристо не дозволувал да се пие алкохол, ниту да се пуши тутун во негово присуство. Ги сметал за лоши супстанции и возможно било кај него да се испие само една мала чаша алкохол единствено кога е некоја домашна слава. 

Тој нивен став е сè уште актуелен, па во разговорите со некои луѓе од Добрејци кои сè уште пушат коноп велат дека не ставаат капка алкохол во уста или тоа го прават ретко и дека алкохолот е многу штетна супстанција, можеби дури поштетна од хероинот.

На почетокот на 90-тите години, конопот од Добрејци започнува да станува посебен бренд и еден период можел да се најде на менито и во некои кафулиња во Амстердам токму под името Добрејци.

Од крајот на 70-тите години, па сè до почеток на 90-тите години, во Струмица и во околината постоела култура на споделување на конопот без пари. Поточно, ако некој побарал еден или два џоинта, ги добивал без да плаќа. Понудата на пари за коноп се сметала за навреда и доколку тоа се случи оној кој дал таква понуда неретко не се прифаќал да биде дел од заедницата, посебно ако тоа се повторувало повеќе пати. Повеќето луѓе сами саделе коноп за да имаат за нив и за друштвото. Кога оделе на гости наместо алкохол се послужувале и се честеле со џоинт.

Авторот е истражувач, активист за човекови права, фотограф и магистер по социјална политика.

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни