Неколку лица загинаа, а најмалку 10 се повредени по експлозија и пожар во фабрика во американската сојузна држава Вашингтон, откако пукнал резервоар со 300.000 литри течност.

Пукна резервоар со 300.000 литри течност во фабрика во САД: Има загинати и тешко повредени

Foto: Longview Fire Depratment/Facebook

Неколку лица загинаа, а повеќе други се тешко повредени во пожар што избувна во фабрика во градот Лонгвју, во близина на границата меѓу американските сојузни држави Вашингтон и Орегон, соопштија локалните власти. Противпожарната служба на Лонгвју, заедно со компанијата Nippon Dynawave Packaging и локалните институции, потврди дека во несреќата има жртви, но точниот број засега не е објавен.

Инцидентот се случил откако пукнал голем резервоар исполнет со бела течност. Според властите, во моментов нема непосредна опасност за околното население.

Повредени најмалку 10 лица

Командантот на противпожарната и спасувачка служба во округот Каулиц, Скот Голдстајн, изјави дека најмалку 10 лица се повредени, меѓу нив и еден пожарникар. Тој посочи дека повредите се движат од полесни до исклучително тешки и животозагрозувачки.

Според неговите информации, резервоарот имал капацитет од околу 300.000 литри и бил исполнет приближно 60 проценти во моментот на несреќата.

Фабриката е во сопственост на јапонска компанија

Несреќата се случила во фабрика на компанијата Nippon Dynawave Packaging во сојузната држава Вашингтон. Компанијата е целосно во сопственост на јапонската мултинационална корпорација Nippon Paper Industries Co., Ltd., а фабриката произведува картонска амбалажа за течности.

Гувернерот на сојузната држава Вашингтон, Боб Фергусон, преку социјалната мрежа X изрази сочувство до семејствата на загинатите.

„Длабоко сум ожалостен што слушам дека има загинати. Моите мисли се со работниците и нивните семејства, како и со припадниците на службите за итни интервенции“, напиша Фергусон.

е-Трн да боцка во твојот инбокс