„Драми на принцезите“ е новата премиера што ќе се изведе утре на сцената „Ристо Стефановски“ во Драмскиот театар Скопје. Претставата е работена по циклусот постдрамски текстови „Драми на принцезите“ со поднаслов „Смртта и девојката“ на нобеловката Елфриде Јелинек. Преводот од германски јазик го направи Катерина Шекутковска.
Во уметничкиот тим што работеше на претставата е тричлена екипа од млади и талентирани уметници од Словенија. Режијата е на Жива Бизовичар. Прв драматург е Ник Жнидаршиќ, а втор драматург и редакцијата на превод е на Викторија Рангелова – Петровска. Сценограф и автор на музика е Јан Крмељ. Костимограф е Александар Ношпал, а дизајнот на светло се на Жива Бизовичар, Јан Крмељ и Ник Жнидаршиќ. Сликар-изведувач е Ѓорѓи Ѓорѓиевски. Музичко-вокален консултант е Ива Дамјановска, а фотограф Стефан Стамандов.
Ликовите ги играат актерките на Драмски театар Скопје – Снежана: Јелена Жугиќ, Ловецот: Нина Елзесер, Трнорушка: Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Принцот: Сара Климоска, Џеки: Трајанка Илиева-Вељиќ, Силвија: Ивана Павлаковиќ и Ингеборг: Јасмина Василева.
– Циклусот постдрамски текстови „Драми на принцезите“, со поднаслов „Смртта и девојката“, нобеловката Елфриде Јелинек го пишува на преминот на векот и го завршува во 2002 година, како феминистичко дополнување на бајките на браќата Грим. Во циклусот, Снежана и Трнорушка веќе не се беспомошни девојки препуштени на милост и немилост на мажите, туку жени кои сакаат да ја избегнат смртта иако знаат дека обидот е осуден на пропаст. Смртта им е веќе запишана со нивните иницијали, тие можат само да ѝ се предадат и да се спасат од непотребниот напор за бегство – единственото нешто што можат да направат со смртта е да ѝ се доверат, да разговараат со неа за својата приказна. За разлика од нив, Џеки (Оназис) е смрт сама за себе. Ракот ја глода, а таа, претворена во статуа, на публиката ѝ ја раскажува својата „вистинска“ приказна: била принудена да стане совршена жен(ск)а, префинета слика, темнина во која не може да проникне ниту светлината на Мерилин Монро, која ја прогонува, истакна режисерката Жива Бизовичар во програмската книшка на претставата.
Драматургот Ник Жнидаршиќ на прес-конференцијата посочи дека овој текст е нетипичен за Елфиде Јелинек. Како што вели, таа го има напишано пред фазата во која сеуште се наоѓа и во која пишува јазични „површини“. Во овој текст таа сеуште ги задржува ликовите, јасната структура во пет дела и препознатливата приказна.
– Сепак, текстот е многу херметичен. При прво читање остава впечаток дека станува збор за серија на изјави, но подоцна се испоставува дека секоја реченица всушност претставува многу јасна усмерена мисла, со која – преку нашата интерпретација-зборува пред се за репрезентацијата на жената и за тоа како жената треба да се претставува самата себе. Претставата ја градевме како жанровска градација од драма кон комедија, кон монодрама. Последниот дел Ѕидот, во кој Ингеборг Бахман и Силвија Плат – две големи писателки на своето време, кои донекаде засенети од славата на нивните мажи, кои не можеле да го прифатат, да го „сварат“ нивниот талент – секоја на свој начин ја спроведува феминистичката агенда преку своето пишување. Во текстот, Јелинек, тој мотив го претвара во обид за создавање на нов свет. Во овој дел, режиран изразито современо, Јелинек евоцира на жртвените грчки ритуали, само што тука не се жртвуваат жени туку се жртвува машко животно – овен, појаснува Жнидаршиќ.
Со тоа, како што додава, се обидува да создаде нов свет во кој за жените не би постоела бариера, некој ѕид кој не можат да го пробијат, во свет во кој доколку сакаат да го пробијат, единствено можат да си ја искршат главата.
-Драматургијата на претставата како и обично кога работам со Жива, се базира на семиотика. Во овој случај се пристапи на блага семиотичка дестабилизација или барем на семиотичко поместување. На пробите откривме дека овој текст функционира само доколку во поголемиот дел не се кажува она што се прави и ако не се прави она што се кажува. Значи, работите мораат физички да се случат пред или по изреченото. Таквите поместувања всушност убаво го генерираат значењето и ги надминуваат самите приказни, го пробиваат херметичниот текст и создаваат значења кои се поврзуваат со широката општествена слика, појасни Жнидаршиќ.
Претставата „Драми на принцезите“ ќе биде на редовниот репертоар на Драмски театар и прва наредна изведба е на 23 ноември.