Најмалку 22 лица загинаа во силните поплави што го погодија југоисточен Бразил по обилните врнежи од дожд, а десетици лица се водат како исчезнати.
Градот Жуиз де Фора прогласи вонредна состојба, ја прекина наставата во сите општински училишта и започна интензивна потрага по најмалку 45 исчезнати лица. Според прелиминарните податоци, најмалку 16 жртви се регистрирани токму во овој град.
Во градот Уба, оддалечен околу 100 километри, уште шест лица го загубија животот откако река се излеа од коритото и ги поплави централните улици.
Ридестата топографија на регионот го прави подложен на лизгање на земјиштето и нагли поплави при интензивни врнежи. Метеоролозите предупредуваат дека се очекуваат дополнителни дождови во наредните денови.
Градоначалничката на Жуиз де Фора, Маргарида Саломао, изјави дека ова е најдождливиот февруари откако се водат евиденции, при што количината на врнежи веќе е повеќе од двојно над просекот за месецот. Таа оцени дека градот се наоѓа во „критична“ состојба.
Повеќе од 400 лица беа принудени да ги напуштат своите домови поради поплавите. Властите прогласија тридневна национална жалост.
Бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва нареди итна мобилизација на федералната влада и изрази сочувство до семејствата на загинатите и погодените од катастрофата.