Полска ќе испрати стотици генератори во Украина со цел да ги ублажи последиците од руските напади врз енергетската инфраструктура, кои во екот на зимата оставија илјадници граѓани без струја и греење.
Полското Министерство за внатрешни работи соопшти дека премиерот Доналд Туск, „имајќи ја предвид тешката ситуација во Украина“, наложил итно обезбедување опрема за заштита на цивилното население од ниските температури, пренесува Ројтерс.
Според официјалните информации, Владината агенција за стратешки резерви на Полска ќе испорача 379 генератори и 18 грејни тела. Дополнително, уште 447 генератори ќе бидат обезбедени со финансиска поддршка од Европска унија, како дел од пошироките европски напори за поддршка на Украина во услови на продолжени напади врз критичната инфраструктура.
Оваа помош доаѓа во период кога украинските градови се соочуваат со сериозни прекини во снабдувањето со електрична енергија и топлина, што ја прави хуманитарната поддршка клучна за преживување на цивилното население во зимските месеци.
